Кил одигра за Вардар – во драматична завршница го победи Елверум

Ракометарите на Кил во рамките од 11. коло од Лигата на шампионите триумфираа против Елверум со 31:30, во натпревар од Групата А, во која се наоѓа и македонскиот шампион Вардар. Екипата од Норвешка можеше да дојде до голем бод на оваа средба, но голманот на Кил, Никлас Ландин, не дозволи изненадување.

Домашната екипа на Елверум одлично го отвори натпреварот и по неколку минути игра имаше водство од 3:1. Ракометарите на Кил постигнаа два гола во низа, израмнија на 3:3 и до крајот на првото полувреме беа во резултатска негатива, најчесто од еден до три гола разлика.

Елверум речиси секоја грешка на искусниот тим од Германија ја казнуваше со погодок и по петнаесетина минути игра стигна до највисоко водство од три гола позитива, 10:7. Норвешкиот шампион своја поддршка имаше од голманот, Имсгард, кој со своите четири интервенции им помогна на неговите колеги да дојдат до водството од три позитива во првата половина од првиот дел.

По водството на домаќините од 11:8, Кил преку Јакобсен и Сагосен дојде до еден негатива, 11:10. До крајот на првото полувреме и двете екипи наметнаа свое темпо на игра. Елверум во играта гол за гол секогаш успеваше да го направи вистинскиот чекор и да се одлепи на водство од еден до два гола разлика. По 30 минути игра, резултатот на пауза гласеше 15:14 во корист за Елверум.

Кил во второто полувреме со голот на Дамке израмни на 15:15 и од тој момент започна да игра поангажирано на теренот. Ракометарите на Кил за пет минути игра во второто полувреме направија комплетен пресврт. Откако резултатот беше нерешен, 17:17, Екберг го донесе првото водство на гостинската екипа за 18:17, а потоа неговиот колега Дувњак зголеми на плус два, 19:17.

Во следниот период двете екипи ги заменија своите улоги од првото полувреме. Елверум беше тимот кој влезе во криза и мораше да одигра на најдобар можен начин за да се врати во игра. Кил на крилата на искусните, Сагосен, Дувњак и Дамке, во 40. минута имаше водство од 22:21.

Во последниот период од натпреварот се влезе во неизвесна завршница бидејќи имаше преголемо опуштање во редовите на Кил. По водството на „зебрите“ од 30:27, домаќините дојдоа до израмнување на резултатот, 30:30 и не реализираа напад за водство.

Во последните две минути исклучување заработи членот на Кил, Руне Дамке. Домаќинот не ја искористи ситуацијата со играч повеќе и не успеа да дојде до израмнување на резултатот. Зарабец на триесетина секунди пред крајот стрелаше за 31:30, а во последниот напад на домаќинот, Ландин го одбрани ударот на Каспер Леин.

Најефикасен во редовите на Кил беше Сандер Сагосен со шест погодоци. Никлас Ландин беше прогласен за играч на натпреварот со вкупно 14 интервенции. Во поразениот табор листата на стрелци беше предводена од Ерик Јохансон со осум погодоци.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ – ГРУПА А

ТАБЕЛА

ПозЕкипаНПРЛБ.
1ВЕСПРЕМ870114
2ПСЖ ХЕНДБОЛ860212
3СПОРТИНГ851211
4ДИНАМО БУКУРЕШТ850310
5ФУКСЕ БЕРЛИН84048
6ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР81254
7ХК ФРЕДЕРИЦИЈА81163
8ВИСЛА ПЛОЦК81072