Дејвис: Сега сите веруваат повеќе во системот, против Нексе ќе ротираме

Тимот на Вардар по тешкиот натпревар во Лигата на шампионите против Монпелје, денеска патува во Хрватска.

Во Нашице утре против Нексе го очекува двобој од регионалната СЕХА лига против незгодниот хрватскиот вицепрвак кој славеше во Скопје.

„Очекувам да биде тежок меч во Нашице. Игравме со Монпелје во Лига на шампионите, и имаме долг пат за да стигнеме од Франција до Нашице. Секако ни треба малку време и за одмор. Игравме тежок меч, и емоционален и со притисок. Морам прво да видам која ќе биде најдобрата ротација на играчи. Игравме против Нексе веќе во Скопје. Но, тие имаа доволно време за одмор и подготвовка. Ќе видам како ќе функционира екипата. Победата против Монпелје беше добра за тимот, екипата, за сите. Сега сите веруваат повеќе во системот. Ќе направиме најдобро што можеме. Мораме да играме со тактичка дисциплина, и да гледаме да одиграме најдобро“, изјави Дејвис.

Натпреварот меѓу Нексе Нашице и Вардар се игра утревечер со почеток во 20:00 часот.