Ракометарите на Тиквеш ја продолжија победничката серија во Супер лигата во продолжението на сезоната и после победите над Прилеп и Еурофарм Пелистер 2 забележаа нов триумф на домашен терен против Скопје со 31:24.
Тиквеш беше голем фаворит на овој дуел и целосно го оправда тоа. Домаќинот отвори со 4:2 и 6:3, а во продолжение сигурно ја градеше предноста. После дваесетина минути игра разликата остана три гола, кога Тиквеш водеше 8:5, но до полувремето домашните беа на чекор до победата.
Во завршницата на првото полувреме Скопје не можеше да одговори на играта на противникот и негативата се зголемуваше. До крајот на првото полувреме Тиквеш успеа да обезбеди добра предност пред вторите 30 минути, а на паузата беше 16:9 за составот од Кавадарци.
Сите дилеми околу победникот беа решени во почетните минути од вториот дел, Симиќ беше расположен за игра и со три брзи гола го однесе Тиквеш на двоцифрена предност од 20:10. Ракометарите на Скопје немаа сили за враќање во натпреварот, а до крај само го ублажија поразот.
Тројца ракометари многу рано го завршија дуелот, Стефан Стојановски од Скопје заработи трето исклучување и црвен картон уште во 32. минута додека во тимот на Тиквеш, Стефан Дрогришки беше исклучен во 41. минута исто така заради три суспензии од по две минути. Во 56. минута Филип Василевски од Скопје доби директен црвен картон заради удар во лицето на противникот.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА