Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја забележаа првата победа на официјални натпревари во 2022 година. Битолчани триумфираа против Охрид со 34-25 со одлично издание во вториот дел од натпреварот од 17 коло во суперлигашкото друштво.
Охрид водеше со 1-3 на стартот, но домаќините набрзија израмнија на 3-3. Во продолжение од мечот се играше гол за гол, а битолчани никако не можеа да се одлепат на водство од два гола.
Тоа им успеа во финишот на полувремето, кога стигнаа до 14-12 со голот на Мараш, а потоа беше и 16-13. До крајот на првиот дел охриѓани намалија на 16-14 со голот на Манасков.
Клучен период на мечот беше стартот на второто полувреме. Божиќ Павлетиќ и Граџан погодија четири пати за четири минути и веќе веше 20-14 за битолчани, па Раде Стојановиќ мораше да бара тајм-аут.
Сепак немаше големи промени во играта на Охрид, продолжи кризата во нападот, а избраниците на Жељко Бабиќ ја зголемија предноста на плус седум, 23-16 во 40. минута од натпреварот и немаше назад за гостите.
Финишот беше шанса за оние со помала минутажа да ги покажат своите квалитети, но домашните и покрај тоа успеаја рутински да го довршат натпреварот и да продолжат во победнички стил таму каде што застанаа во есенскиот дел од Суперлигата.
Најдобри стрелци кај Еурофарм Пелистер беа Божиќ Павлетиќ со осум и Јосип Периќ со шест гола, додека кај Охрид се истакнаа Додиќ со шест и Кривокапиќ со пет погодоци. Битолчани веќе утре му гостуваат на Скопје во рамките на 18 коло од Суперлигата.