Екипата на Веспрем во продолжението од сезоната ќе има нов ракометар на позицијата лево крило, а според информациите кои ги има 24Ракомет потписот на договорот го стави репрезентативецот на Тунис, Усама Буганми.
Добро е познато дека на оваа позиција во тимот на Веспрем играат Дејан Манасков и Мануел Штрлек, но репрезентативецот на Македонија е повреден и после хируршката интервенција се наоѓа во процес на рехабилитација така што во моментов не е познато кога ќе може да се врати назад на теренот.
Буганми доаѓа од тимот на Есперанса, а има 31 година и веќе има настапи во Европа и тоа во редовите на Трембле од 2013 до 2016 година. Во последните шест години е член на клубот од Тунис, а за репрезентацијата има околу 140 настапи.
Станува збор за искусен ракометар кој ќе треба да се покаже во следниот период доколку сака да остане подолго време во клубот. Неговиот договор важи до крајот на оваа сезона, а конкуренцијата е сериозна и силна така што нема да биде воопшто лесно.
Во својата кариера покрај за Трембле и Есперанса има играно и за Клуб Африкан од 2008 до 2013 година.