Четирите селекции кои на 29 јануари минатата година играа во полуфиналето на Светското првенство во Египет ќе играат и на 28 јануари во Будимпешта, а двојките се идентични како и тие на Мундијалот.
Актуелните европски и светски прваци одново ќе имаат пресметка. Данска ќе игра против Шпанија во едното полуфинале откако Данците после поразот од Франција паднаа на 2. место во Групата 1 и наидоа на пресметка против „фуријата“ која двапати по ред го освојуваше првото место на ЕП и оди по хет-трик. Пред една година двете селекции одиграа ефикасен натпревар, а истиот финишираше со резултат 35:33.
Двете селекции играа и во полуфиналето на Олимписките игри во Токио кога Данска дојде исто така до победа од 27:23.
Франција и Шведска тогаш играа во другото полуфинале. Сега во ова ќе имаат можност за ново одмерување на силите и докажување на квалитетите. Пред една година Шведска победи со 32:26 и играше во финалето на Мундијалот во Египет. Ова ќе биде дуел на актуелниот олимписки првак и актуелниот светски вицешампион.
Дефинитивно ова ќе биде пресметка на четири репрезентации со екстра квалитет што е најава за два супер дуели од 18 и 20:30 часот в петок.
Како загревање в петок ќе биде дуелот меѓу Исланд и Норвешка кој ќе биде одигран од 15:30 часот, а тоа ќе биде натпревар за 5. позиција на овој шампионат.