Репрезентацијата на Хрватска во последниот настап на Европското првенство одигра нерешено со Холандија 28:28. Со учинок од три победи, три порази и едно нерешено го завршија првенството и Хрватите ќе го очекуваат бараж дуелот за СП 2023 во кој ќе бидат носители на ждрепката.
После завршувањето на дуелот со Холандија хрватските ракометни легенди продолжија со критики кон селекторот Хрвоје Хорват и целата репрезентација. Петар Метличиќ уште еднаш беше критички расположен.
„Едноставно речено, маки мои поминете на друг. На моменти добра, на моменти лоша игра. Лош натпревар и едните и другите беа исцрпени. Очекував дека ќе одиграме подобро, можеби ова е нашата реалност“, рече Метличиќ за РТЛ.
Исто така и на Горан Шпрем не му се допадна изданието на Хрватска на последниот меч на ЕП.
„Недореченост, тоа е мојата оценка. Не ми е драго што не одигравме нерешено на пример со Русија, туку со Холандија која не е ниту близу до првата лига во ракомет. Можеби звучи лошо но го рушиме угледот на Хрватска кој го стекнувавме со години. Ова е шлаканица и на никој не му е мило заради ова. Уморни сме, но и противниците исто така“, рече Горан Шпрем за РТЛ.
Хрватска ќе биде еден од можните противници на Македонија во баражот за Светското првенство во 2023 година доколку нашата репрезентација успшно го помине првиот бараж.