Репрезентациите на Шведска и Норвешка во својот последен натпревар од главната фаза на ЕП се бореа за влез во полуфиналето. Крајниот исход од драматичниот скандинавски дуел беше победа за Швеѓаните со резултат 24:23.
Иако Норвежаните беа речиси 59 минути во водство, сепак на крајот останаа со празни раце и без полуфинале. Во последниот напад за Норвешка промаши еден од најискусните, Сандер Сагосен. Неговиот удар заврши над голот, а тоа значеше голема радост за избраниците на Глен Солберг.
По разочарувачкиот пораз, ракометарите на Кристијан Берге во изјава за норвешката ТВ2 едноставно немаа зборови за случувањата во последните пет минути.
„Не можам баш да сфатам што мислам после овој натпревар. Проклето е чудно што се случи“, кратко одговори Ветле Ег Ага.
Неговиот колега, од кого најмногу се очекуваше, Сандер Сагосен, потрфли во клучните моменти.
„Разочаран сум…Ја имавме борбата, имавме одлични моменти и сè беше во наши раце, но во последниот дел се мачевме да постигниме погодок“, коментираше Сагосен.
Голманот Торбјорн Бергеруд истакна дека неговата репрезентација е подобра од Шведска.
„Ние направивме доста глупости. Тоа е ужасно. Навистина мислам дека сме подобри од Шведска, но им ја подаривме победата“, изјави Бергеруд.
Ракометарите на Норвешка ќе играат за петтото место на Европското првенство.