Прволигашот Македонија Ѓорче Петров во продолжение од сезоната ќе влезе со зголемени амбиции.
Раководоството на тимот од Ѓорче Петров договори нов тренер, кој се надева дека им донесе добри резултати. Станува збор за Адријано Котевски, кој неодамна се стекна и со највисоката Мастер Коуч лиценца.
„Со раководството се договоривме за пет минути. Бев изненаден од понудата да бидам дел од еден клуб што има визија и амбиција во блиска иднина да има важна улога во македонскиот ракомет. Знам дека не очекува макотрпна работа и ќе биде голем предизвик не само за мене, туку и за целиот стручен штаб што работи во клубот“, вели Котевски за 24Ракомет.
Македонија Ѓорче Петров е дел од групата Б и се наоѓа на шестата позиција со 15 бодови. До крајот на регуларниот дел остануваат уште пет кола во кои тимот од Ѓорче Петров ќе се обиде да стигне до петтото место што носи пласман во плеј-офот.
„До крајот на регуларниот дел од Првата лига остануваат уште пет кола. Шансите за место во плеј-офот не се загубени, но сепак главни конкуренти ќе ни бидат Куманово и Аеродром. Времето е кратко, ова е нова и млада екипа што ќе созрева од натпревар во натпревар. Сигурен сум дека ќе бидеме тврд орев за секој ривал“, заврши Котевски.
Котевски работеше во младинските категории во тимот на Прилеп, а потоа и во сениорската екипа и го внесе во Суперлигата.
Со Македонија Ѓорче Петров се договорија за соработка до крајот на следната сезона.