Репрезентацијата на Македонија вчера ги заврши настапите на Европското првенство откако го одигра и последниот натпревар против селекцијата на Данска на кој претрпе пораз од 21:31. Претходно беше забележан и пораз од Словенија и Црна Гора.
При подготовката на натпреарите односно тактиката за нив селекторот Лазаров вели дека се соочил со многу проблеми бидејќи секојдневно нешто ново ги отежнувало работите и задачата.
„Имав замислено како да изгледа, но од ден на ден се менуваа работите. Како се менуваа работите рамислува што да биде. Штом ќе направев друг концепт, се појавува друг проблем. Ќе направам трет концепт, се појавува четврти проблем. И така од ден во ден. Едноставно не ти останува ништо освен да се насмееш и да го прифатиш тоа и да им дадеш шанса на другите кои се иднина. Сепак, треба да го заслужат тоа и да докажат. Самите увидоа какво е ова натпреварување, со какви играчи, со каква жар, стрес, притисок и мислам дека резултатски е лошо, а од друга стрна ќе добиеме нешто повеќе кое ќе ни служи во иднина“, вели Лазаров.
Тој имаше пофални зборови за играта на Црна Гора особено за младиот играч, Радојица Чепиќ кој во јули ќе наполни 20 години.
„Кај Црна Гора постои еден играч од 2002 година, Чепиќ. Го снимивме и го скениравме, го знаев тоа. Коментиравме за тоа каков натпревар одигра против Словенија. Ќе им го укажам тоа на моите играчи дека треба да се верува и да се работи. Тој едноставно самиот ја доби Словенија во најтешките моменти. Како да имаше 35, а не само 20 години“.
Направи и споредба со женската селекција на Црна Гора бидејќи смета дека тие се примерот и моделот по кој се движи и машкиот состав така што мотивот е на високо ниво.
„Нивната женска репрезентација е многу успешна и приморани се и тие да бидат успешни и сакаат да бидат на тоа ниво. Го имаат тоа во себе и сакаат да ги достигнат. Тоа ги влече. Беа самоверени и во изјавите пред првенството. Едноставно веруваа и тоа им се оствари. Можеби многумина се чудеа, но тие успеаја. Беа во негатива, но на крајот се поврза сè и успеаја. Дишеа како еден и успеаја. Тоа покажува дека ако веруваш и сакаш може се да се направи. Треба да стремиме кон тоа, но мислам дека полека, чекор по чекор ќе дојдеме до тоа што го сакаме. Работиме 7-8 месеци заедно. Поставивме систем кој треба да го надградуваме и не ни треба многу време да подготвиме натпревар, само да бидеме живи и здрави и комплетни ќе бидеме доста посилни“, вели Лазаров.
Селекцијата на Црна Гора останува дел од Европското првенство и продолжува со натпреварите во Групата 1 во која ќе има уште нови четири интересни средби.