АНАЛИЗА ГОРАН АНДОНОВСКИ: Ќе треба да се навикнеме на вакви порази додека имаме промена на генерација

Поранешниот македонски репрезентативец и актуелен предводник на суперлигашот Тиквеш, Горан Андоновски, за 24ракомет го анализираше вториот дуел на Македонија на Европското првенство, во кој претрпевме пораз од Црна Гора. Македонската репрезентација остана без шанси за пласман во следната фаза и покрај тоа што важеше за фаворит пред мечот. Андоновски истакна дека треба да бидеме големи и по победите и по поразите, особено, ваквите се додека се бориме со промена на генерација во националниот тим.

„На сите ни е тешко во моментов, особено мене, затоа што треба и да анализирам. Мисливме дека сме фаворити против Црна Гора пред дуелот, но ние кои го следиме ракометот знаеме дека и во таа репрезентација има квалитетни интернационалци кои играат во квалитетни лиги, но, сепак, мислевме дека сме за нијанса фаворити денеска.

Неразбирливо отворивме со нервоза и дозволивме противникот да направи разлика со изборот на почетната постава на нашиот тим, во која го немаше новиот лидер на селекцијата – Филип Кузмановски и секако, секогаш, критикуваниот Мартин Велковски. Не само што имавме проблем во нападот, поголем проблем беше што во 6-0 одбрана халфови играа Серафимов и Ѓоргиев, кои со физичките предиспозиции не можеа да ги спречат противничките играчи. Црна Гора дојде до разлика од пет гола пред селекторот да увиди дека на терен работите не изгледаат како што имал замислено, и покрај трите погодоци на Серафимов. Со влегувањето на Кузмановски, Миркуловски и Велковски, Македонија се враќа во мечот и некако, и покрај лошата игра и техничките грешки, да стигне на еден негатива на полувреме и со реални шанси да го добиеме мечот. Со слабиот почеток се доведовме во позиција да бркаме резултат 60 минути што е многу тешко во ракометот и за оваа неискусна репрезентација. Сите се надевавме дека во второто полувреме сликата ќе се смени и ќе дојдеме до победа. Ја загубивме сигурноста во нападот и во одбраната, и покрај послабата игра на противникот, во вториот дел не успеавме во ниту еден момент да се наметнеме. Не искористивме и ситуација кога бевме „шест на четири“ играчи. Го изгоревме и левото крило Цветан Кузманоски. По промашени два-три зицери селекторот го остави во игра, додека Маџовски не го искористивме, остана на клупа. Со тоа и психички се уништи Кузманоски. Мартин Велковски денеска одигра животен меч во националниот дрес, а беше изваден од игра во 42 минута за да влезе Серафимов во решавачки моменти и со тоа го загубивме и него. Ако по првиот меч сите истакнуваа дека играме добра одбрана, јас не се сложувам со тоа. Вечно критикуваниот Талески е единствениот кој може да одговори на играта и во нападот и во одбраната, немаме друг играч кој може да се искористи во двата правци. Штета е што загубивме денеска, тоа ќе влијае и на психолошки план. Имаме релативно млад, неискусен, но перспективен стручен штаб, на кој треба да му се даде шанса уште минимум два циклуси за да видиме дали позитивно ќе ја заврши оваа промена на генерација. На нас, македонските тренери од Супер лигата, кои ги познаваме македонските играчи ни останува задачата да им помогнеме колку што можеме повеќе со работа во клубовите.

Се чувствува позитивна промена со побрзата игра, но треба да се мисли и стратегиски како понатаму и да се споредуваме со другите селекции кои одат напред – Исланд, Белорусија, Холандија… Како репрезентација не можеме да напредуваме ако не се направат некој концепт и да се внимава и на физички предиспозиции. На пример, немаме крила кои играат халфови или, пак, пикерите воопшто не играат на таа позиција, па дури и некои бекови. Модерниот ракомет не трпи постојана промена при одбрана и напад, и затоа мора повеќе да посветиме внимание на тоа.

Велевме дека по Кирил Лазаров ќе немаме кој да даде гол од десната бековска позиција, а денеска Велковски и Серафимов заедно имаа десет гола. Не треба да се замислуваме, Талески не е Хансен или Велковски Дика Мем, но тие се наши момци и се најдоброто што го имаме и треба да го искористиме тоа и да одиме напред, дури и во вакви тешки моменти.

Треба да сме подготвени на тоа, дека ќе има и следен пораз од аутсајдер се додека не тргнат работите на подобро. Сите заедно треба да работиме за по Лазаров и Миркуловски да се вратиме на нивото на кое бевме. Најважно е да се задржи континуитетот на големите натпреварувања, а и тоа ќе биде тешко. Треба да сме големи и во победи и во порази, па така и да излеземе по денешниот тежок пораз!