Филип Миркуловски и како најискусен на терен, но и во неговата втора улога како помошник на Кире Лазаров во тренерскиот дел изрази задоволство од она што го одигра македонската репрезентација на воведниот меч на ЕП 2022 против Словенија.
Искусниот бек како главна причина за поразот ги посочи техничките грешки. Миркуловски изрази жалење што македонската репрезентација не успеа да го искористи извонредното издание на голманот Мартин Томовски.
„Одигравме релативно добар натпревар, мислам дека пресудни беа техничките грешки. За еден европски натпревар мислам дека беа премногу. Доколку ги сведевме на 5-6 помалку ќе го добиевме овој натпревар. Почетокот беше супер, поведовме со 4-1 и потоа ни направија 6-0 серија. Требаше тука да го издржиме тој притисок и да влеземе во егал во второ полувреме. Пропуштивме голема шанса, и Словенците беа во грч, се изненадија колку можеме ние добро да одиграме и без Кире Лазаров. Ние затоа ја подготвувам оваа репрезентација. Лазаров можеби можеше да игра 10-15 минути како мене денеска, но сепак, првенствено ни беше идејата да играат овие помладите играчи“ – истакна Миркуловски.
Тој изрази жалење што македонската репрезентација на овој натпревар не успеа да го искористи извонредното издание на голманот Мартин Томовски.
„Генерација 96 го понесе тој товар. Се виде дека имаат квалитет и во одбрана и во напад, според мене одиграа еден многу коректен натпревар, на чело со Томовски, морам да го пофалам, сите топки што беа негови ги фати. За жал не го искористивме тоа, техничките грешки беа пресудни доколку ги сведевме на помалку ќе имавме позитивен резултат“ – рече Миркуловски.
Вториот натпревар Македонија го игра против Црна Гора на 15 јануари од 18:00 часот.