Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, заедно со ЦСКА Москва се израдуваа на висока победа во дуелот против Астраханочка со резултат 31:21.
Овој натпревар беше во рамките од 12. коло од Групата А од шампионатот на Русија и со новите освоени бодови, Ристовска и нејзините колешки се зацврстија на втората позиција на табелата.
По големата борба во првите 30 минути и резултат од 13:12 на полувреме, во вториот дел екипата од Астрахан постигна само девет погодоци поради силната одбрана на избраничките на Флорентин Пера.
Ракометарката од Македонија натпреварот го заврши со два постигнати погодоци. Прв стрелец во московската екипа беше Елена Михаиличенко со седум погодоци.
Следен предизвик за екипата на ЦСКА Москва е натпреварот од Лигата на шампионите против Вајперс Кристијансад, кој ќе се одигра в недела со почеток од 16:00 часот во Москва.