Еден од голманите во репрезентацијата на Данска, Јаник Грин, ќе го пропушти стартот на Европското првенство во Унгарија и Словачка откако по вторпат излезе позитивен на коронавирус.
Во претходниот ден, сите направени ПЦР тестови кај ракометарите на Данска биле негативни, но Јаник Грин, кој сѐ уште е во изолација, бил позитивен на коронавирус.
Искусниот голман за време на подготвителниот период на својата репрезентација односно на 3-ти јануари беше единствениот кај Данците со позитивен тест.
Грин ќе ги пропушти трите натпревари од првата фаза во Дебрецин. Тоа значи дека Данска на голманската позиција против Македонија ќе ги има на располагање Никлас Ландин, како и Кевин Мелер.
Данска против Македонија ќе игра на 17 јануари со почеток од 20:30 часот во „Феникс Арена“ во Дебрецин. Избраниците на Николај Јакобсен освен со Македонија ќе играат и со селекциите на Црна Гора и Словенија во рамките од Групата А.