Репрезентацијата на Црна Гора продолжува со подготовките за настапот на Европското првенство, а ракометарите се големи оптимисти и постојано во своите изјави се насочени кон Македонија и дуелот кој ќе биде одигран во 2. коло.
Според Црногорците тие имаат шанси против Македонија и на тој дуел ќе можат да нападнат за да дојдат до победа и значајни бодови.
„Немаме многу време до заминувањето за Дебрецен, па мораме да работиме силно. Данците се фаворити во групата, а најголема шанса гледаме против Мкедонија и мораме да ја искористиме. Македонија доаѓа на првенството во подмладен состав, но имаат голем ас на клупата, Кирил Лазаров, кој покрај тоа што е селектор и ќе игра. Сепак, убеден сум дека можеме да ги победиме, исто како што сум убеден дека можеме да се носиме и против Словенија која ќе ни биде последниот ривал. Доколку бидеме комплетни можеме и мораме да направиме чекор повеќе“, вели левото крило, Милош Вујовиќ.
Средбата меѓу Македонија и Црна Гора се игра на 15 јануари од 18 часот. Ова ќе биде дуел кој може да даде одговор за многу прашања во групата, но може и да донесе дополнителни возбудувања.