Коронавирусот им прави големи проблеми на репрезентаците учеснички на Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Засега организаторите не размислуваат за откажување, летовите и хотелите се веќе резервирани, навивачите купуваат билети, но легендарниот Веселин Вујовиќ смета дека вакво ЕП не треба да се игра.
„Искрено, не ми е јасно на кој нормален му е во интерес е да се одигра ваков турнир. Колку има смисла репрезентациите да патуваат со шест, седум заразени ракометари, а потоа тие треба да играат натпревари по десетина дена во изолација. Тоа нема врска со животот и здравиот разум. Ќе гледаме никаков ракомет, а да не зборувам за ризикот од повреди. Затоа, претпоставувам дека и државите организатори ќе преземат одредени мерки, лесно може да се случи натпреварите да се играат без публика. Ги прашувам тие мудреци, па за кого се игра првенството? Мое мислење е дека ова Европско првенство треба да биде откажано, нема да пропадне светот ако скокнеме еден турнир. Потсетете се како изгледаше СП во Египет лани. Никако. Па ЕП и СП за жени. Знаејќи кој го води европскиот ракомет, знам дека логична одлука нема да се донесе и на крајот турнирот ќе се одигра, без оглед на последиците“, вели Вујовиќ.
Многу пријателски натпревари беа откажани, дел од нив се одиграа, но сите репрезентации тренираат под стрес дека ќе добијат позитивни резултати на тестовите.
Македонија ќе биде дел од групата А во Дебрецин и ќе игра против Данска, Словенија и Црна Гора.