Тимот на Тиквеш имаше лош старт на сезоната во Суперлигата, но со промената на тренерот, формата на играчите отиде во нагорна линија и кавадарчани се на чекор до пласман во плеј-офот.
Но и покрај тоа ќе има промени во играчкиот кадар пред стартот на пролетниот дел од сезоната. Средниот бек Марио Гичев не е повеќе член на кавадаречкиот тим и веќе е во потрага по нова средина.
Покрај Гичев, кој дојде на почетокот на сезоната и немаше голема минутажа со промената на тренерот, од Кавадарци заминува и еден од кружните напаѓачи што дојдоа летото, Марко Трајковски.
Тиквеш беше во лоша серија на стартот на сезоната, а кога во клубот се врати Горан Андоновски, тргна победничката серија со која кавадарчани можат да обезбедат место во разигрувањето за титулата.
Тие се на петтото место на табелата со 25 бодови, заедно со Охрид и Пролет, а напролет ги чекаат гостувања кај Прилеп, Струга и Радовиш, како и домашни натпревари со Вардар, Еурофарм Пелистер 2 и Скопје.