Селекторот на машката сениорска репрезентација на Данска, Николај Јакобсен, предупредува дека едно заразено лице може да создаде голем хаос и да ги уништи амбициите на данската репрезентација за Европското првенство во Унгарија и Словачка.
Некои репрезентации на своја кожа веќе почувствуваа што може да донесе инфекцијата со коронавирус. Франција, Црна Гора, Србија…се репрезентациите кои имаат најголем проблем поради Ковид 19.
„Сите ние сме претпазливи на Ковид 19 затоа што е многу заразен. Доволно е да се зарази едно лице, па Европското првенство може да заврши уште пред да започне“, изјави Јакобсен.
Истиот став го дели десниот бек на данската репрезентација, Матијас Гидсел, кој изјави дека заедно со останатите ракометари од данската репрезентација се придржуваат до мерките и препораките за превенција во неговата земја.
„Ние сме свесни за сите последици и многу се грижиме еден за друг. Одржуваме дистанца и се придружуваме до сите мерки и препораки“, додаде Гидсел.
Репрезентацијата на Данска е противник на Македонија во првата фаза од Европското првенство. Освен Македонија, Данска за противници ги има и селекциите на Словенија и Црна Гора во рамките од Групата А.