СКАНДАЛ на повидок – откриен наместен натпревар во Лигата на шампионите!

Шведскиот ракометен портал „Хендболсканален“ објави интересна сторија за наместен натпревар во Лигата на шампионите од тековната сезона. Ракометот одамна не е имун на нелегалното спортско обложување и на наместени натпревари. Своевремено легендарни ракометари како Бојиновиќ, Гајиќ, браќата Карабатиќ беа вмешани во обложувачки скандал со нивниот тогашен клуб Монпелје, а последен беше случајот со руските репрезентативци до 19 години, кои се обложувале на сопствените натпревари на ЕП.

Шведскиот портал открива дека коефициентот за победа на домаќинот на наместениот натпревар имал вртоглав пад на неколку часа пред мечот, иако немало информации дека гостите ќе бидат ослабени или ќе играат со втор состав. Квотата од 1.55 паднала на 1.05 само за дваесетина минути, а хендикепот за победа на домашниот тим од 2,5 се качил на 5,5 голови разлика.

На споментатиот натпревар, гостите успеале да извадат реми на полувреме. Иако било таква ситуација, на обложувањето во живо се уште имало граница од 5,5 голови за победа на домашниот тим, што не е вообичаено ако не се работи за ептен голем фаворит, кој би имал предност и на полувреме.

Во вториот дел, гостите почнале да прават технички грешки една по друга, па помеѓу 40 и 53 минута, предноста на домаќините пораснала од 2 на 5 гола предност, пред конечно да заврши со триумф од шест гола – токму таа граница на која многумина се обложиле со големи финансии пред стартот на мечот.

Според шведскиот медиум, кои имал два независни изврои, има дури 19 ситуации во натпреварот кои „изгледаат соммнително“ за натпревар од таков ранг на натпреварување. Имало ситуации во кои дефанзивците на гостите оставале премногу простор на домашните крила за да погодуваат, или пак гостите не се враќаат назад во одбрана во моменти кога домашните треба да погодуваат.

Покрај овој дуел од ЛШ, „Хандболсканален“ пишува дека и најмалку уште две средби од Лигата на Европа и од женската ЛШ се сомнителни, но за нив се уште се собираат докази и информации. Дали ЕХФ ќе спроведе интерна истрага или ќе се огласи, останува да видиме.