Македонската сениорска репрезентација ја привршува првата фаза од подготовките за Европското првенство во Унгарија и Словачка која се одвиваше во Маврово.
Таму беа одиграни два меча со Кувајт, на кои славеше нашата селекција – на првиот убедливо со десет разлика, 31-21, а на вториот со еден гол, 22-21.
Селекторот Кире Лазаров покрај анализата на дуелите со Кувајт, се осврна и на неодамнешните критики од ракометниот клуб Пролет.
„Од Пролет има двајца до тројца играчи кои се во поширокиот список и кои добија шанса во Б репрезентацијата кога игравме пријателски натпревари во Србија. Тука е Михаил Аларов, на кој сметаме во иднина, но јас се одлучив за дефанзива. Сигурно ќе ме прашате за Марко Стојковиќ, младински репрезентативец, 18 години, кој е двометраш. Ако нешто ни фали во нашата игра тоа е дефанзивата. Но повик е повик, тоа не значи настап на големо натпреварување. Покрај ЕП на кое треба да играме и да покажеме завидно ниво, треба и во истиот да ги градиме и создадеме тие играчи. Јас ги следам натпреварите на Пролет и нивните ракометари, таму има уште еден или двајца интересни играчи, кои ако играат добро и напредуваат, ќе добијат шанса најмалку во Б репрезентацијата, но сепак тоа зависи индивдуално од нив и работата во клубот“, изјави Лазаров.
Македонија го почнува настапот на ЕП против Словенија на 13 јануари, а потоа ќе се соочи со Данска и Црна Гора.
Од Пролет реагираат – во репрезентацијата играат ракометари од Прва лига, а нашите ги игнорираат!