Босна и Херцеговина повторно ќе учествува на Европско првенство откако на претходното во 2020 година го имаше своето деби. Ова ќе биде трето големо натпреварување за репрезентацијата која исто така настапи на Светското првенство во 2015 година. Тимот предводен од Ивица Обрван ќе има тешка задача во групата Е, но со микс на искусни ракометари и млади момци има можност да игра на високо ниво.
БиХ на ждрепката беше извлечена во тешка група каде што за противници ги доби репрезентациите на бранителот на титулата Шпанија, Шведска и Чешка. Босанците се надеваат барем на една победа, сигурно е дека ќе го покажат нивниот борбен дух на сите натпревари, иако противниците можеби ја сметаат БиХ за аутсајдер во групата.
Селекцијата на Босна и Херцеговина има доста познати имаиња кои потпомогнати од младите талентирани момци градат добар тим. Селекторот Обрван кој ја презема репрезентацијата во февруари 2021 година немаше многу време за промени во тимот, но на подготвителните натпревари можеше да им даде шанса на некои помлади играчи кои во иднина би биле носители на играта на БиХ.
Босанците можат да бидат изненадувањето во групата Е, тие покажаа во квалификациите дека се тежок противник. Во дебито на Обрван на клупата БиХ ја совлада Австрија со 27:21, а потоа беа на чекор до изненадување против Германија од која загубија со два гола разлика. На првенството, БиХ ќе биде многу опасен противник пред се затоа што немаат што да загубат.
ИГРАЧ ВО ФОКУСОТ – БЕНЈАМИН БУРИЌ
Главна ѕвезда во тимот е голманот Бенајмин Буриќ кој доколку има свој ден секој противник многу ќе треба да се помачи да оствари триумф против БиХ. Неговата насмевка и ладнокрвните одбрани се добро познати на сите од настапите во Лигата на шампионите и Бундес лигата. Неговото искуство сигурно многу ќе значи за репрезентацијата на БиХ. Сепак, има еден мал проблем. Тој беше позитивен на коронавирусот и до последен момент неговиот настап ќе биде неизвесен. Се надеваат дека навреме ќе успее да добие негативни тестови, а со тоа и дозвола за настап.
ИНТЕРЕСНО
Босна и Херцеговина во својот тим има еден од највозрасните ракометарите на првенството, а тоа е Никола Прце со 41 година исто како што беше тоа и на претходното првенство. Во овој момент Прце настапува за клубот на Беса Фамгас од Косово кој е негов 14-ти во кариерата, додека дебито во националниот тим го имал на само 16 години. И понатаму Прце е важен дел од костурот на репрезентациајта на БиХ.
УЧЕСТВА НА ЕП
Вклучувајќи го ЕП 2022 – две учества.
Најдобар резултат: 23. место во 2020 година.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ – ГРУПА Е
13 ЈАНУАРИ – 20:30ч
ШВЕДСКА – БИХ
15 ЈАНУАРИ – 18:00ч
ЧЕШКА – БИХ
17 ЈАНУАРИ – 18:00ч
БИХ – ШПАНИЈА