Машката ракометна репрезентација на Македонија стартува со завршните подготовки пред ЕП 2022, по многу нешта важно и посебно.
1.Почнува унгарската треска
Со горе-долу очекуван состав, машката ракометна репрезентација на Македонија од среда ги почнува финалните подготовките пред настапот на јануарското ЕП во Унгарија и Словачка, за нас прва база – Дебрецин. Ова шесто првенство во серија во последните десет години за македонската репрезентација, по многу нешта ќе биде пресвртница.
Точно десет години по „историското“ петто место и оној незаборавен настап на ЕП во Србија, македонската репрезентација во Дебрецин прави нов пресек. И самиот пласман на ова ЕП и сензационалната квалификациска победа против Данска беа своевиден подвиг важен за одржување на континуитетот во настапите на Македонија на големите ракометни натпреварувања.
Претстојното ЕП 2022 ќе биде прво за Кирил Лазаров како селектор и најверојатно, последно за Кирил Лазаров како играч. Играчки, најверојантно последнио и за неговиот помошник Филип Миркуловски, вратен на терен уште малку да помогне. А, со нив двајца и дефинитивно, за целата онаа генерација што ја одбележа изминатата деценија и што секој јануари ја креваше Македонија на нозе.
Можеби некој очекуваше малку подлабок рез и малку повеќе „младина“ во составот на Лазаров со сиот ризик што го носи тоа. Од друга страна стои и шансата помладите со помош на искусните да направат изненадување што ќе ја однесе Македонија во втор круг на првенството како секундарна цел. Иако во овој често критикуван и помалку неправеден систем на натпреварување на континенталниот шампионат, „на прва“ Данска и Словенија се големи фаворити за првите две места во групата и пласман во главната фаза, а Македонија и Црна Гора се, условно, под нив со надеж за подвиг.
Но, топката е округла, а на првенствата никогаш не е исклучена и по некоја сензација.
Впрочем, јас искрено не верувам дека Кире Лазаров би се поздравил без голема победа!
2.Распеани вардарци, јадосани битолчани
А, во меѓувреме додека се подготвуваме за уште една јануарска ракометна треска со македонската репрезентација во една поинаква формација, ред е да се фрли поглед и на она што остана да презими на домашна сцена и што на некој начин е и репрезентативна основа.
Бидна големото дерби во Битола, токму и како што го најавивме – дерби со сите нишани. И по играта и неизвесноста, но и по атмосферата во салата која, да бидеме искрени, веќе малку и сме ја подзаборавиле во таков интензитет и со она старо ривалство и меѓусебни „закачки“ на битолчани и скопјани.
Дербито меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар заврши без победник, но бодот беше доволен вардарци да презимат на првото место и да се вратат распеани во Скопје.
Со тренерска смена по лошата серија во ЛШ, Вардар пред дербито во Битола се чинеше дека ќе биде лесен плен за Еурофарм Пелистер во подем и во намера да го симне од тронот. Но, на терен се покажа нешто друго. Битолчани можеби ги преценија силите, а можеби од поразите и ја потценија силата поранешнот европски шампион. Вардарци пак, покажаа дека и разнишани сепак, на македонската сцена тие се уште се неприкосновени.
Со Владо Недановски и Стојан Петрушевски како заменско решение на клупата по разделбата со Вујовиќ, Вардар освои бод во Битола и уште два со Бутел и сега може мирно да ја чека пролетта и да тактизира со најавените промени и засилувања на полусезона.
Од овој прв дел од суперлигашката сезона ќе остане како куриозитет дека Еурофарм Пелистер е единствен што успеал го победи шампионот, ама Еурофарм Пелистер 2, а не 1!
3.Хорват си замина. Ќе ни дојде ли Голужа?
Ќе остане како белег или повеќе како лузна од оваа полусезона и падот на Металург, најновата криза низ која минува тимот од Автокоманда и сизифовската борба со десет играчи да остане во игра и да се надева на помирна пролет.
Во соблекувалната во Автокоманда речиси секоја недела по некој се поздравува. Чесно доигра, но на крај сепак, замина и најголемата инвестиција на Металург, Хрватот Златко Хорват.
Легендарниот хрватски репрезентативец остана максимално професионален и пожртвуван до крај. И, за разлика од многу други што продефилирале во Автокоманда и во многу подобри времиња, Хорват дојде и замина како голем играч и се раздели со клубот со една убава реченица:
„Металург, без оглед на ситуацијата, се уште е име и мислам дека постои желба сето тоа да се зачува во добро светло…верувам дека ќе се извлечат и дека таа приказна ќе се заврши добро“.
Каква и да е ситуацијата овде или таму, Македонија и Хрватска ракометно секогаш остануваат „на вези“. Еден Хрват заминува, а ништо чудно наскоро друг да се пресели во Скопје.
Славко Голужа ја прекина соработката со Татран Прешов. Ако се знае дека токму Голужа се споменува како едена од потенцијалните кандидати за нов тренер на Вардар, раскинот со Татран на полусезона веќе се толкува како пола завршена работа и дека Скопје е неговата следна дестинација.
Засега се уште само како претпоставка…