Екипите Тиквеш и Пролет одиграа нерешено 25:25 откако во завршницата од средбата тимот од Скопје одигра подобро и се враќа во Скопје со еден бод. И двете екипи имаа свои моменти. Тиквеш водеше во поголемиот дел од средбата, но Пролет водеше во завршницата и можеше да дојде до побда.
Од почетокот на средбата владееше неизвесност. Натпреварот носеше интересен тек во кој и двете екипи успеваа да си парираат. Оттаму на средина од првото полувреме резулатот беше 6:6. На почетокот на 20. минута дојде до првата предност од два гола во корист на домашните. Тиквеш водеше со 10:8.
Со подобра игра пред сè во одбраната и порасположен голман Тиквеш успеа да стигне до плус четири гола на полувреме и на одмор да замине со 16:12.
Она што функционираше одлично во првиот дел во продолжение од средбата не беше на така високо ниво. Тоа овозможи гостите да намалат и да се вратат во игра. Откако Тиквеш поведе со 17:12 следуваа неколку гола по ред од ракометарите на Пролет што донесе резултат од 17:15 во 36. минута.
После десетина минути израмнета игра следуваше период во кој Тиквеш одново успеа да дојде на плус четири. Во 48. минута дојде до 23:19, но радоста траеше кратко. Падна ритамот во играта и концентрацијата така што гостите казнуваа. Иако ракометарите на Пролет не користеа седмерци, сепак, успеваа да намалат, а во 54. минута и да израмнат на 23:23.
Во завршницата гостите поведоа, но домашните успеаја да израмнат, па во последните десетина секунди имаше бркотница низ теренот за да се направи обид за триумф. Сепак, останаа нерешените 25:25 од кои и двете екипи не можат да бидат многу задоволни бидејќи посакуваа победа за подобра позиција пред финишот на регуларниот дел во февруари.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА