Алкалоид со уште еден висок триумф, лесно го совлада и Аеродром

Екипата на Алкалоид на домашен терен обезбеди убедлив триумф против составот на Аеродром со 40:20 во рамките од Првата машка лига од Групата Б. Со освоената победа, новиот прволигаш останува на лидерското место во својата група, додека Аеродром останува во борба со екипата на Куманово за 4. позиција на табелата.

Избраниците на Љубомир Савевски во првото полувреме имаа резултатска контрола, но гостите повеќе од 20 минути не му дозволуваа на домаќинот да се одлепи на поголема разлика од три погодоци. Голманот на Аеродром, Богдановски, со неколку интервенции го одржуваше својот тим во игра, кој на десетина минути пред крајот на првиот дел влезе во негатива од минус еден, 8:9. Алкалоид со неколку погодоци во низа дојде до 12:8, а потоа лесно се справи со денешниот ривал и на пауза замина со водство од 16:9.

Во второто полувреме, Алкалоид за само неколку минути игра имаше највисоки осум гола разлика, 19:11. Ракометарите на Дарко Петровски се трудеа да го намалат големото заостанување и да го ублажат поразот на помала негатива. Во 40. минута Алкалоид имаше плус десет, 24:14. Тука веќе беше сосема јасно кој ќе ги освои денешните бодови и во ниту еден момент во останатите дваесетина минути не беше загрозено водството на домашниот тим. Во последните десетина минути драстично се зголеми предноста на домаќините за конечни 20 гола разлика, 40:20.

Најефикасен во победничката екипа беше Теодор Тодески со осум погодоци. Во редовите на Аеродром, Иван Митревски ги предводеше стрелците со седум постигнати погодоци.