Македонскиот Олимписки Комитет првпат оваа година ќе ја организира манифестацијата „Златна Олимпија“.
Изборот на најдобрите во спортот ќе се одржи на 20 декември, а има за цел да ги прослави спортските успеси и достигнувања на жените и девојките во спортот и да ја афирмира заложбата и пораката за поддршка на родовата еднаквост во спортот, да ги потврди спортските достигнувања на жените спортисти и да даде стимул за поголеми спортски достигнувања во иднина.
На овој настан ќе се доделат награди во десет категории на нашите најуспешни спортистки, меѓу кои има номинирани и ракометарки, ракометни репрезентации и тренери.
Во категоријата најнадежна млада спортистка е номинирана Ива Младеновска. Таа прогласена за МВП на кадетскиот ЕХФ шампионат во Литванија на кој македонската репрезентација го освои првото место и се избори за настап на следните Европски првенства за младинки и за кадетки, а дебитираше и за сениорките.
Во категоријата најдобар тренер номинирана е Драгана Ристова. Таа го води тимот на Вардар со кој годинава има одлични резултати на домашна сцена, а имаше и успешен настап и во Европскиот Куп.
Во категоријата најдобар репрезентација номинирана е женската кадетска репрезентација која го освои ЕХФ шампионат во Литванија за ракометарки до 17 години. Прв ваков забележителен успех во младинските категории на македонската женска ракометна репрезентација.
Во категоријата најдобар женски клуб е номиниран тимот на Куманово, кој ја освои двојната круна во Женската лига. Во категоријата најдобра спортистка во колективни спортови е номинирана Сара Ристовска, која со ЦСКА Москва стигна до завршниот турнир во Лигата на шампионите.