Ракометарите на Вардар после ремито во Битола против Еурофарм Пелистер денеска лесно го совладаа и составот на Бутел Скопје со 36:21 и дојдоа до нови три бода со кои на најдобар можен начин ја завршија годината.
Ова беше последна средба за оваа 2021 година за двата состави и двете екипи покажаа добра партија на теренот. Бутел Скопје имаше добар старт и водеше во првите неколку минути. Имаше плус два после 3:1, 5:3 и 6:4, но тука следуваше одговор од 3:0 за Вардар и преземање на водството. Гостите израмнија на 7:7, но тоа беше сè.
Тука вардарци ја преземаа контролата и почнаа да го зголемуваат водството. Имаа највисоки плус шест при 16:10, а доколку не дојдеше до опуштање во последните моменти од првиот дел на одмор сигурно ќе беше убедливо водството. Сепак, вака Вардар стигна до 18:15 и имаше плус три на крајот од првиот дел од средбата.
Вториот дел беше формалност. Домашните искусно го чуваа водството, а гостите немаа сили за да успеат да направат некаков интересен тек на настаните. Првпат до двоцифрен резултат се дојде при 27:17. Ракометарите на Бутел Скопје тешко доаѓаа до погодок така што рано беше јасно дека на овој дуел нема да има проблем за Вардар за висок триумф и нови три бода.
Со ова „црвено-црните“ продолжија според планот и јасно е дека ја задржуваат предноста во однос на Еурофарм Пелистер иако и двете екипи имаат ист број на бодови.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА