Поранешниот голман на репрезентацијата на Шпанија, Хозе Мануел Сиера, од следната сезона ќе биде во улога на помошен тренер во француската екипа, Лимож, каде што главен тренер е неговиот сонародник, Алберто Ентрериос. Веста официјално беше објавена на клупската страна на Лимож.
Сиера и Ентрериос долги години играа заедно во репрезентацијата на Шпанија, а во 2013 година го освоија златниот медал на Светското првенство. Двајцата заедно играа во екипата на Сиудад Реал.
Лимож ќе биде првиот клуб за искусниот голман од Шпанија каде што ќе се обиде да се докаже во тренерските води. Моментално, Сиера го носи дресот на Бидасоа, но во јули следната година ќе стави крај на својата богата кариера.
Освен за Бидасоа и Сиудад Реал, Сиера играше за Барселона и Ваљадолид во Шпанија, унгарскиот ПИК Сегед, како и француските ПСЖ и Саран, кој беше последна станица во неговата интернационална кариера. Неговата колекција на медали е збогатена со четири златни медали од Лигата на шампионите.