Екипата на Охрид во рамките од 15. коло во Супер машката лига славеше убедлива победа против Радовиш со 34:23. Домашните уште од самиот почеток ја оправдаа улогата на фаворит и не дозволија никакво изненадување на домашен терен.
Гостите поради кратката клупа едноставно не можеа да парираат, но во одредени моменти од натпреварот покажаа квалитет. По одличните 3:0 во воведните минути, Охрид секогаш беше чекор пред неговиот противник и во првите 30 минути беше во постојано водство од два до три гола разлика. Радовиш се обиде да фати приклучок во последниот дел од првото полувреме кога Трајчевски со својот трет гол намали на 11:13. До самиот крај беа искористени сите грешки на гостите од Радовиш за солидно водство на полувреме од 18:13 за Охрид.
Во вториот дел веќе беше јасно кој ќе ги освои бодовите од денешниот натпревар. Домашната екипа полека ја зголемуваше својата предност, која во 45. минута изнесуваше плус десет, 27:17. Последните петнаесетина минути не сменија ништо во самиот резултат. Ракометарите на Раде Стојановиќ рутински ја одработија својата задача и ја прославија седмата победа во новата сезона. Со победата против Радовиш, ракометарите на Охрид остануваат во борба за место во плеј-оф фазата во најквалитетното натпреварување во Македонија.
Најефикасни во редовите на Охрид со по шест погодоци беа Филип Кривокапиќ и Михајло Младеновиќ. Кај Радовиш прв стрелец беше Томче Трајчевски со седум погодоци, додека неговиот колега, Здравко Постолов додаде шест.