Екипата на Работнички ја оствари својата петта победа во Првата лига откако на свој терен триумфираше против десеткуваниот состав на Преспа со 33:23. во натпревар од 11. коло во Групата А.
Работнички со двата гола на Дука и Димевски обезбеди предност од 4:1 по пет минути игра. Гостите од Ресен никако не можеа да фатат приклучок и натпреварот да го направат понеизвесен. Цврстата одбрана на Работнички и погодоците кои беа постигнати преку течни акции им го донесоа највисокото водство на домаќините од 8:1. Преспа цели десет минути беше без погодок, а кризата во редовите на гостите ја прекина Шабединовски со својот прв гол за 2:8.
Малата опуштеност во редовите на Работнички беше искористена од страна на противничката екипа која во 18. минута намали на минус четири, 6:10. Избраниците на Никола Димовски ја одржуваа стекнатата предност до крајот на првиот дел и на полувреме заминаа со позитива од 15:12.
Преспа во вториот дел резултатски се доближи кога постигна гол за минус еден, 14:15. Од тој момент, Работнички сериозно влезе во игра, постигна неколку голови во серија и повторно дојде до солидно водство од 20:15. Во преостанатите минути од дуелот, домаќините од минута во минута ја зголемуваа позитивната разлика, па така на десет минути пред крајот резултатот беше 28:18 за екипата на Работнички која со новата победа влегува во игра за првите четири места во Групата А.
Најефикасни во Работнички беа Давид Димевски и Ѓорѓи Дука со по осум погодоци. Во составот на Преспа прв стрелец беше Били Мишевски со осум погодоци, а Андреј Божиновски беше веднаш зад него со шест.