Почна загревањето за СП во Шпанија, Црна Гора очекувано загуби во Шведска

Во рамки на подготовките за СП во Шпанија, репрезентацијата на Црна Гора која во Шпанија ќе патува без неколку клучни ракометарки, денес се соочи со Шведска и сосема очекувано беше поразена со 24:38.

Избраничките на Бојана Поповиќ веќе го загубија натпреварот по првото полувреме кое заврши со предност за репрезентацијата на Шведска од плус седум, 19:12. На овој натпревар, поранешната ракометарка на Вардар, Јованка Радичевиќ заедно со Татјана Брновиќ беа најефикасни во селекцијата на Црна Гора со по пет погодоци.

Овие две репрезентации на 28 ноември ќе одиграат уште една пријателска средба. Црна Гора на Светското првенство во Шпанија се наоѓа во Групата А. Нејзини противници се репрезентациите на Франција, Ангола и Словенија. Швеѓанките во првата фаза имаат лесна задача бидејќи за противници ги имаат Холандија, Узбекистан и Порторико во рамките од Групата Д.

Б репрезентацијата на Норвешка по големата борба на теренот ја доби битката против Чешка, 26:25. Чешка на мундијалот во Шпанија во првата фаза ќе се соочи со Унгарија, Германија и Словачка во Групата Е.

На другите пријателски средби, Германија беше подобра од Полска со 31:27, додека Исланд убедливо ја совлада Швајцарија со 30:22 .

РЕЗУЛТАТИ ОД ПРИЈАТЕЛСКИТЕ НАТПРЕВАРИ

ШВЕДСКА – ЦРНА ГОРА 38:24 (19:12)

ЧЕШКА – НОРВЕШКА 25:26 (11:13)

ПОЛСКА – ГЕРМАНИЈА 27:31 (13:13)

ШВАЈЦАРИЈА – ИСЛАНД 22:30 (14:19)

ФРАНЦИЈА – УНГАРИЈА 33:28 (18:9)

ШПАНИЈА – СЛОВАЧКА 35:18 (19:9)

АВСТРИЈА – ПОРТУГАЛИЈА 25:26 (14:12)

ИНТЕРСПОРТ КУП

НОРВЕШКА – ХОЛАНДИЈА 36:31 (19:11)

РУСИЈА – ЈУЖНА КОРЕЈА 34:24 (23:12)