Бабиќ: Аек ќе удри во ѕидот на Еурофарм Пелистер

Екипата на Еурофарм Пелистер се подготвува за натпреварот од 3. коло од Лигата на Европа на кој ќе ги одмери силите со составот на Аек. Тимот од Атина веќе има две победи и сега има амбиции за продолжување на победоносниот од.

Сепак, во Еурофарм Пелистер најавуваат позитивен епилог така што утре од 18:45 часот ќе биде интересно.

„На почетокот на натпреварувањето тимот на Аек се покажа како една многу добро организирана екипа, многу дисциплиниран состав со многу добро истрчување после освоена топка во одбраната. Првиот натпревар го добија дома, а на вториот изненадија, можеби и цела Европа со победата во Ним. Се работи за една екипа која е стабилна и е во одреден подем и со тоа заслужува респект“, вели тренерот Жељко Бабиќ.

Тој верува дека момците се подготвени и дека утре ќе одиграат добар натпревар.

„Сезоната е долга. Јас како тренер и целата екипа сме оптимисти. Желни сме за натпреварување и со нетрпение чекаме да почне натпреварот и ние самите да се увериме која е вредноста што ја има Аек. Во добар момент сме. Генерално сите сме во добра форма. Со големо нетрпение го чекам натпреварот и длабоко сум уверен дека ќе покажеме добар перформанс и добар тимски дух, многу трчање и добра одбрана. Аек сигурно ќе удри во еден цврст ѕид на Еурофарм Пелистер. Целиот тим сме подготвени за добар натпревар, а ќе видиме за што ќе биде доволно“, коментира Бабиќ.

Ова е второ гостување по ред за екипата на Еурофарм Пелистер. Средбата се игра утре во Атина, а почнува во 18:45 часот.