Македонскиот ракометен првак Вардар му дозволи на репрезентативецот Томислав Јагуриновски да замине од клубот и да почне интернационална кариера. Јагуриновски доби покана од неговиот поранешен тренер Стевче Алушовски да се пресели на Исланд каде тој го води тимот на Тор Акурејри во Втората лига.
Амбициите на клубот се враќање во првата лига, и веќе се работи на зголемување на конкуренцијата. Алушовски ги знае квалитетите на Јагуриновски и токму затоа инсистираше да го доведе на Исланд.
Клубовите се договорија за обештетување, а Јагуриновски ќе остане 1+1 сезона. Тој утре патува за Исланд каде ќе им се приклучи на подготовките на новиот клуб.
„Среќен сум што успеав да донесам квалитетен играч во мојот тим. Ги знам неговите квалитети, и со неговото искуство, знаење и можности секако ќе биде големо засилување. Верувам дека многу брзо ќе се вклопи со системот што го имаме во Исланд, бидејќи истиот е оној што беше и во Вардар кога работевме заедно. Очекувам со неговите игри да отвори пат и за други ракометари на Исланд. Секако голема благодарност и за Михајло Михајловски, претседателот на Вардар, и тренерот Веселин Вујовиќ кои дозволија овој трансфер да се реализира“, вели Алушовски за 24Ракомет.
Алушовски сака да ја зголеми колонијата на македонски играчи во Исланд, а клубот засега ги прифаќа неговите предлози. Во прилог оди и фактот што тој е одлично прифатен во новиот клуб, и тргнаа со победи уште од почетокот, па веројатно експресно ќе се вратат во елитата.