Продолжува кризата на Металург на почетокот на сезоната, тимот од Автокоманда го забележа четвртиот пораз откако загуби на гостувањето кај Тиквеш со 21:19. Ова беа први бодови за екипата од Кавадарци, а на дното на табелата остануваат Скопје и Металург без бодови.
После почетните 1:0 за домаќинот, Металург постигна три гола и го имаше стартното водство. Продолжи добрата игра на гостите и во 17. минута имаа највисоки пет гола позитива кога водеа 5:10.
Но тогаш започна сериајта на Тиквеш и со четири гола се вратија на негатива од еден гол. До полувремето Металург успеа да ја задржи предноста и на пауза да замине со два гола предност од 11:13.
Во вториот дел продолжи големата борба на теренот, се играше доста цврсто со многу исклучувања. Милан Лазаревски во 44. минута заработи директен црвен картон, а ракометарите на Тиквеш го искористија тоа. Домаќините успеаја да израмнат на 16:16 и до крај на дуелот направија пресврт за триумф и први бодови.
Најефикасен во составот на Тиквеш и најзаслужен за победата беше Јане Јанчев со девет гола, а Дарко Кондев му беше добра поддршка со пет погодоци. Голманот Стојаноски имаше одлична партија и собра 12 интервенции само во вториот дел. Во составот на Металург најефикасни со по пет гола беа Александар Петковски и Бобан Каковски.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА