Ракометарите на Прилеп потешко од очекуваното остварија победа на гостувањето кај екипата на Скопје 2020 со еден гол разлика, 30:29, во 4. коло од Супер машката лига. Прилепчани можат да бидат задоволни со освоените три бода бидејќи незгодната екипа на Скопје во последните десет минути од натпреварот беше вистинска закана за избраниците на Горан Кузманоски.
Ракометарите на Симе Симовски добро го отворија натпреварот и по неколку минути игра имаа водство од 3:2. Гостите од Прилеп предводени од Рустамов почнаа да го контролираат резултатот, а во поголемиот дел од првиот дел имаа водство од четири гола предност.
Во втората половина од првото полувреме немаше поголема промена на теренот. Скопје се обидуваше резултатски да фати приклучок и да се врати во игра, но поискусната екипа на Прилеп секогаш успеваше да ја одржува стекнатата разлика во своја корист. На пауза, Прилеп замина со предност од 18:15.
Ракометарите на Прилеп во второто полувреме до 40. минута го одржуваа солидното водство од првиот период. Во последните дваесетина минути, Скопје заигра поангажирано во нападот и чекор по чекор фаќаше ритам.
Во 46. минута, Прилеп имаше два гола предност, 26:24, а седум минути подоцна, Скопје преку Филип Василевски намали на само еден гол негатива 25:26, и најави интересна завршница. Сепак, клучни беа последните пет минути во кои и двете екипи направија неколку технички грешки. Прилеп преку интернационалците од Грузија, Реваз Чантурија и Мириани Гавашелишвили стигна до посакуваната победа.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА