Со добра игра и во напад и во одбрана и многу мотив уште од стартот на средбата, ракометарите на Еурофарм Пелистер успеаја да стигнат до нова победа против директен ривал за место во плеј-офот откако денеска на домашен терен беа подобри од Пролет со 29:22.
Иако гостите тргнаа подобро во натпреварот и во првите неколку минути од средбата имаа предност, сепак, во продолжението домашните успеаја да се вратат во ритам. При 3:5 тие со три гола во серија успеаја да се изборат за предност и да стигнат до 6:5. Од тој момент ја презедоа и контролата така што имаа константна предност.
Благојче Трајкоски беше одличен на голот и запре многу удари на противникот. Во нападот лесно доаѓаше до реализација што отвораше простор за постојано зголемување на водството. Атанасијевиќ и Кузманоски му се придружија во добрата партија така што Пролет не можеше да следи.
Овој ритам на игра донесе 13:10 после 30 минути игра, но и уште повеќе мотив и желба во продолжението.
Еурофарм Пелистер 2 – Пролет
Како што одминуваше времето во вториот дел така се гледаше дека Еурофарм Пелистер се има добро подготвено за играта на бековите на Пролет и многу често ги запираа со брзи движења при што не им оставаа простор за да дојдат до шест метри. На тој начин се отвораше простор за многу контри кои лесно се реализираа.
Победникот беше решен уште на средина на второто полувреме, но на пет минути до крајот само беше заверен новиот триумф бидејќи резултатот беше 27:19. Тука веќе беше прашање само разликата со која тимот на Еурофарм Пелистер 2 ќе се избори за втората победа сезонава. После Бутел Скопје и Металург падна и Пролет во налетот на младите битолчани.
СУПЕР МАШКА ЛИГА – ТАБЕЛА