Аеродром и Куманово со реми ја отворија новата сезона

Во првото коло од групата Б во Првата машка лига во салата Автокоманда, екипите на Аеродром и Куманово одиграа без победник 24:24, иако гостите беа на чекор до победата.

Составот од Куманово добро го отвори натпреварот, водеше со 5:2 и 10:6, но следуваше серија на домашниот тим со која ја намали негативата, а на полувреме се замина со израмнети 13:13.

Почетокот на вториот дел беше максимално израмнет, се играше гол за гол, но Куманово брзо ја презема иницијативата и контролата на резултатот. Од 17:16 со серија од четири гола повторно имаа солидна предност пред завршницата. Сепак, во последните пет минути Аеродром усепа да израмни и да освои бод.

Најефикасен во домашниот тим и на теренот беше Димитар Михајлов кој постигна десет гола, а четирипати погоди Андреј Маркудов. Во составот на Куманово Влатко Тасевски беше прв стрелец со осум гола, а Петковски и Димовски порано го завршија мечот поради три исклучувања.