Ракометарите на Охрид забележаа победа на премиерниот натпревар од новата сезона во Суперлигата, откако на домашен терен го совладаа составот на Тиквеш со 29-24.
Kaвадарчани одржуваа резултатска рамнотежа во поголем дел од првото полувреме, иако охриѓани беа тие што диктираа темпо. По 9-8 во финишот на полувремето, домашните направија серија од три гола за 12-8, а на пауза се замина со 13-9.
Шилегов и Кривокапиќ зголемија на 15-9 и го најавија триумфот. Во продолжение на мечот беше и плус седум, 21-14, за избраниците на Раде Стојановиќ, а кавадарчани во продолжение останаа без Стефан Трпчевски, кој поради три исклучувања доби црвен картон.
На крајот по 28-22, Тиквеш намали на минус четири, 28-24, но немаше време за нешто повеќе од пристоен пораз. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Милошевиќ со пет гола, а по четири дадоа Шилегов, Андоновски и Николов со по четири погодоци. Кај Тиквеш се истакна Трпчевски со пет погодоци.