Половина тим на скопјани најмалку до недела ќе треба да „одмори“ дома бидејќи на влез во Македонија на аеродромот Петровец сите од нашиот тим не биле вакцинирани, ниту пак имале ПЦР тестови како што налагаат новите мерки. Оние што биле вакцинирани заминале дома, другите во изолација. Веројатно ќе биде одложен и настапот во првото коло од домашната Супер лига против Металург, а можеби и против Скопје.
Традиционално настапот на Пролет во европските купови завршува уште со првото гостување, но овојпат освен по „неважниот“ триумф против Грањолерс тимот од Скопје ќе го памети и по тоа што наместо дома дел од играчите завршија во изолација.
Грешка, превид или едноставно мислеле дека ќе им се „прогледа низ прсти“. При слетувањето на скопскиот аеродром оние членови на клубот кои не биле вакцинирани, а немале ниту соодветни сертификати за прележан Ковид, ПЦР тест или брз антиген тест биле упатени во домашна изолација во траење од седум дена.
Пролет играше во првото квалификациско коло од Лига Европа и беше елиминиран од Грањолерс со вкупен резултат 63-50 (36-21 и 27-29). Македонскиот тим успеа да триумфира на вториот меч, но претходно доживеа катастрофален пораз, па триумфот повеќе беше за мотивација на екипата.
Се обидовме да стапиме во контакт со официјалните лица од клубот и да добиеме информација околу бројот на играчи или стручен штаб кои морале да заминат во домашна изолација, но не добивме одговор.
Неофицијално се споменува дека најмалку половина тим не е вакциниран, и сите тие морале да заминат дома и следните седум дена да бидат во изолација. Според последните мерки, од 1 септември сите кои влегуваат во Македонија, без разлика дали се домашни или странски патници мораат да покажат на влез сертификат за вакцинација (најмалку две примени дози), Потврда за прележан Ковид во последни 45 дена, потврда за негативен ПЦР тест не постар од 72 часа направен пред влез во земјава или негативен антиген тест направен најмалку 48 часа пред влезот.
Во РФМ се запознаени дека Пролет има играчи кои морале да заминат во изолација, но нема никакво барање за евентулано одложување на нивниот меч од првото коло против Металург кој требаше да се игра или на 8 или на 9 септември. Неизвесно е дали ќе се игра и вториот меч повторно на гостински терен против Скопје.