На Азискиот шампионат кој треба да се одржи во периодот од 15 до 25 септември оваа година, женската репрезентација на Авганистан е пријавена како учесник.
Според соопштението на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ), Авганистан треба да игра на Азискиот шампионат, но нивното учество е под знак прашалник поради воената состојба во земјата и падот на Кабул, односно преземањето на власта во земјата од страна на талибанците.
Ако Авганистан не се појави во Јордан, тогаш Азија нема да има шест места на Мундијалот во Шпанија, затоа што бројот на репретзентации што треба да играат на квалификации ќе биде помал од минималниот, 12. Според регулативите на ИХФ, тоа место го добива најдобриот континент од претходното СП, а тоа е Европа. Прва европска резерва е Македонија, која би можела да добие место на Мундијалот.
Доколку се надминат сите пречки кон патот за Јордан, Авганистан за прв пат ќе учествува на Азискиот шампионат и ќе има можност да се надева на билет за Светското првенство во Шпанија што ќе се одржи од 1 до 19 декември.