СТРУГА 2021: Вардар го совлада Бутел, но со гол во последниот напад

Ракометарите на Вадрар со комбиниран состав одиграа рутински на вториот натпревар на Струшкиот турнир и ја совладаа екипата на Бутел Скопје со 25:24 откако бронзениот од последните Олимписки игри, Гурбиндо погоди за победа.

Од почеток на дуелот Вардар имаше контрола на случувањата на теренот, избраниците на Вујовиќ поведоа 5:3 и 7:4. Ова беше нивна највисока предност, а Бутел Скопје во продолжението успеа да се врати и да намали на 7:8.

До крај на првиот дел Вардар го сочува водството и замина на одмор со два позитива 12:10. Вториот дел не донесе ништо различно од првите 30 минути, разликата се движеше од еден до три гола, а Бутел во еден момент стигна до израмнување на 13:13.

Вардарци брзо ја вратија предноста, а Бутел се обидуваше во завршните минути да избегне пораз, но постојано беше на минус еден или два. Во последната минута со голот на Тот, Бутел Скопје уште еднаш израмни на 24:24. За Вардар останаа четириесетина секунди за напад, а Гурбиндо реализираше за победа.

Во финалето утревечер од 21 часот, Вардар ќе игра против најголемиот конкурент Еурофарм Пелистер кој претходно со триумф над Тиквеш обезбеди дуел за трофејот. Бутел Скопје против составот на Тиквеш ќе се бори за 3. позиција на турнирот.