ГА КЛ 7 има нов ракометар, го ангажираше стружанецот Стефан Колоски

Екипата на ГА КЛ 7 продолжува да се засилува, а новиот ракометар доаѓа од екипата на ГРК Тиквеш. Стружанецот Стефан Колоски, кој настапува на позиција лев бек ќе биде еден од ракометарите од кои ќе се чекаат голови во новата сезона, но воедно и помош за поцврста одбрана.

„Драго ми е што сум дел од ваков проект насочен кон вложување во македонски ракометари. Можноста да тренирам во висок ритам, да добијам шанса и минутажа беа клучни за мојата одлука да пристапам на Голден Арт КЛ7. Стабилноста на функционирање на клубот ми е добро позната и можам да кажам дека сум одлично примен“, вели Колоски.

Дека Колоски ќе си замине од ГРК Тиквеш беше познато уште пред месец и пол, а имаше понуда и од БиХ. Досега го носеше дресот на Струга, Работнички, Јуниор Кисела вода, Бутел Скопје и Радовиш.

Заедно со Илиев ќе треба да биде еден од поискусните во бековската линија во тимот, но и поддршка за младите кои исто така ќе имаат што да покажат во новата сезона. Покрај Илиев во клубот дојде и Златко Даскалоски, а и двајцата ќе имаат двојна улога бидејќи ќе бидат играчи и помошници на новиот тренер Никола Матлиески.