Се роди нов клуб на македонската ракометна сцена, на европската пак, еден наш го снема…
1.Ракометот пред сè
РК Алкалоид е новиот клуб на македонската ракометна сцена. Ќе стартува од Првата лига како што е пропишано во правилата за секој нов субјект, ќе регрутира претежно млади домашни играчи, актуелни и потенцијални репрезентативци кои ќе бидат во соодветен тренажен процес со што на извесен начин ќе се создава репрезентативната база во иднина.
Новиот клуб ќе биде под патронство на претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, односно во целосна сопственост на неговата компанија АД Алкалоид и под менторство на селекторот Кире Лазаров со потпишан меморандум за соработка со кој брендот КЛ7 со школите се приклучува како дел од проектот. Приоритет на новиот клуб, како што нагласија, ќе биде развојот на македонските играчи во функција на успехот на македонската репрезентација пред клупските резултатски амбиции за некој експресен лет кон Европа.
Сè за доброто на македонскиот ракомет!
2.Било и некогаш, ама сега е поинаку
Реакциите во јавноста пак, се поделени, во амплитуда од „супер, браво“ до „хм…лошо“. А, барем засега, остануваат отворени и неколку дилеми поврзани со најмладиот и од „раѓање“ структурно и финансиски најдобро обезбеден клуб на македонската ракометна сцена.
Дали има судир на интереси кога актуелниот претседател и актуелниот селектор имаат клуб, односно стојат зад проектот? Формално правно не, етички можеби. Имало слични случаи и претходно кога претседателите на националната федерација во исто време биле и водечки луѓе во клуб, како што беа претходните двајца. Михајло Михајловски за време на претседателскиот мандат во РФМ во периодот од 2008 до 2013 во исто време беше и претседател на РК Вардар. Пред него и Трифун Костовски додека ја предводеше РФМ од 2003 до 2008 во исто време беше и газда на Кометал ЃП. Разликата е само што претходните двајца претседатели од клуб дојдоа на чело на РФМ, а сега претседателот направи клуб.
Имало и селектори што во текот на селекторскиот мандат во исто време биле „поврзани“ со некој од македонските клубови, најчесто како актуелни тренери. Таков беше случајот и практиката со безмалку сите тренери на Кометал ЃП во златното доба на македонскиот женски ракомет, а и со дел од селекторите во машка конкуренција (Лино Червар-Металург, Раул Гонзалес-Вардар…).
Но, и овде има разлика во однос на претходно, во релацијата клуб-селектор-репрезентација. Лазаров како актуелен селектор не е тренер во клубот, туку бренд-партнер, а тоа е малку подруга ситуација. Но, на Кире Лазаров како да му е судено во многу работи да биде прв што пробива бариери. Ако може да биде прв со тројство играч-капитен-селектор и единствен селектор во светот што играл на Ф4, би требало да знае да одигра и да проигра и на оваа нова невообичаена бренд-партнерска позиција.
За доброто на македонскиот ракомет! Нормално.
Да е жив Лино што ни го смисли ова. Ни се наоѓа во секоја прилика.
3. Еднаков со сите или прв меѓу еднаквите?
Сепак, токму овие две точки од погоре всушност, отвораат дилеми и оправдано или не, подгреваат сонежите дека новиот РК Алкалоид и покрај сите добри намери, на крај сепак може да стане „прв меѓу еднаквите“, а не „еднаков со сите“. Или што напиша некој деновиве „ај да видам кој јунак ќе му суди на РК Алкалоид…“, кога и првиот судија е комесар во РФМ!
Дали со раѓањето на РК Алкалоид, другите македонски клубови ќе се најдат во подредена и нерамноправна положба? Во ситуација кога играчите, логично, полесно ќе одат во клуб што условно, ќе ги лансира во репрезентација (што со нашиот менталитет може да биде и меч со две острици…)
Дали другите клубови во таква ситуација, ќе паднат во втор план и со тек на време веќе и ќе загубат интерес да создаваат и да вложуваат во создавање на тие играчи кога знаат дека секако ќе губат во битка со клуб-репрезентација? Или нема да биде така?
Од друга страна, стои и дилемата дали за некои од новите играчи во новиот клуб. настапот во Прва лига ќе биде чекор напред или назад. Колку македонската Прва лига, односно втора зад Супер лигата, е доволно квалитетна средина и силна конкуренција за развој и напредок на играчи од репрезентативен калибар кои во блиска иднина би требало да бидат носители на играта на македонската репрезентација. И колку тие репрезентативци без минута во евро-купови, директно од прволигашките терени, ќе бидат натпрварувачки и психолошки подготвени за некој месец во репрезенативниот дрес да истрчаат на мегдан со Данска или со Словенија на европско? Или догодина на светско.
Ќе надополнуваме со силни клупски пријателски во текот на првенството, рече селекторот…Да супер, ама тие сепак, ќе бидат само контролни пријателски, не натпреварувачки европски. Има тука разлика и тоа голема. Играч од калибар на Кирил Лазаров сигурно го знае тоа многу подобро.
4.Со два помалку во Европа, Вардар се чека…
„Сè има – сè може“, велеа вардарки во имашниот период кога парите не беа проблем.
„Се нема – не се може“, велат во Автокоманда, откако Металург не успеа да најде дополнителни 50.000 евра за депозит во ЕХФ и поради парите се откажа од Европа и од изборениот пласман во Европската лига. Прв пат по 18 години во континуитет од вкупно 20 сезони во Европа што ги игра тимот од Автокоманда од 1999 година до сега.
Поради старите долгови, новите проблеми и тие 50.000, Металург кој во „златното доба“ два пати играше четвртфинале во ЛШ, сега повторно се враќа во форматот „клуб од работничко предградие“ како што велеше Лино Червар (на толку цитирање може и да се врати „маго“ во втората татковина, кој знае…еве, Вујо се врати).
Нејсе, Металург дефинитивно, во новата сезона ќе биде на голема пресвртница. Со веќе потпишани не баш евтини странци и со тим проектиран за Европа, останува само на домашна сцена. Во уште потешка битка, не да ја зачува, туку да се врати на изгубената европска позиција. Ќе биде, богами, и тоа како тешко.
Домашниот есап летово излезе недоволен за Европа и за ЖРК Куманово. Освојувачот на двојната круна на домашна сцена историската сезона ја заврши со откажан настап во ЛШ, бидејќи немаа пари за да ја уплатат задолжителната котизација во ЕХФ.
Тоа е -2 за Македонија на европската клупска сцена во наредната сезона.
Како меч над глава се уште стои и милионот што Вардар 1961 треба да го депонира во ЕХФ, првата рата до утре, комплет сума до 27 јули. Во спротивно и двојниот европски шампион ќе им се придружи на РК Металург и на ЖРК Куманово.
Ако и таму „има снемано“ до милион, и Вардар ќе остане без ЛШ и сезонава со Гурбиндо и другите, ќе игра само во СЕХА, дома во Супер лига…и по некоја од тие пријателските со РК Алкалоид. Тоа е.