Се погоди во ист ден во македонскиот ракомет да се вратат Веселин Вујовиќ и Љубомир Савески
1.Може да биде сè, само здодевно не
По осум години Веселин Вујовиќ одново се враќа во Скопје и по трет пат ќе го предводи Вардар.
По 11 години Љубомир Савески му се враќа на ракометот. По 14 години од СП 2007 во Франција, Савески одново ќе ја предводи женската ракометна репрезентација на Македонија како селектор-координатор.
Нешто одамна се знаеше, нешто се најавуваше, но во петокот се погоди во ист ден да бидат официјално промовирани двајцата тренери кои своевремено важеа за најхаризматични и најомилени кај публиката, а богами и најгласни. Бунтовници од ракометните терени.
Ракометната стручност никогаш не им била спорна, но и двајцата најчесто ги горел јазикот и темпераментот. Знаат да викнат и да тропнат на маса и да скокнат на терен. И да си го кажат своето, па макар и да изгорат. Така беше некогаш.
Можеби со текот на годините стивнува дел од тоа, но не и енергијата што ја носат вакви личности.
И, ќе лажам ако кажам дека не им се израдував на петочни промоции и на враќањето на Вујовиќ и на Савески на македонската ракометна сцена. Им се израдував, признавам. А, верувам и голем дел од новинарската фела. Посебно оние што паметат дека Савески на кафе можеше да собере повеќе новинари отколку другите на официјален прес, или да даде интервју што ќе раздрма… Или дека со Вујо и една обична прес-конференција за најава на некој небитен меч, знаеше да прерасне во настан од кој не знаеш што побрзо да напишеш…
Може да биде се, само здодевно – не! Тоа сигурно, колку и да се сменети времињата. Иако, на крај на денот сепак, резултатите ќе бидат тие по кои ќе се мери дали враќањето било успешно или не. Дали одлуката на РФМ да се активира Савески или одлуката на Вардар да се врати Вујо биле оправдана доверба во старите вредности на добро познати ликови, или пак само ретро потрези, во недостаток на нови идеи и можности.
2.Вујо и Вардар трета среќа
Веселин Вујовиќ прв пат дојде „да го развесели Вардар“ во 2006 година (го паметам насловот во весникот што одамна го нема). Тогаш тоа беше вистинска сензација и најава за новиот подем на „црвено-црните“. Си замина во 2009 кога Металург ја презеде титулата.
Но, Вујо без Вардар не може, а ни Вардар без Вујо во тоа време. Две години подоцна, Веселин Вујовиќ по втор пат се врати во „Кале“ и остана до 2013 година кога Вардар го презеде Самсоненко. Бунтовниот Вујовиќ не се вклопуваше во новиот концепт и во новата ера на „црвено-црните“. По смената на раководството за Вујо веќе немаше место на клупата. Но,на трибините, навивачите на Вардар уште долго го носеа големиот транспарент со „Вујо мајсторе“. Се додека еден ден, на негово место не се појави двојно поголемиот транспарент со новиот газда!
Но, иако беше „симнат“ и од трибините, Веселин Вујовиќ остана засекогаш дел од „Комитите“ и миленик на најверните вардарови навивачи. Спактаклот што му го приредија навивачите на Вујо и тоа како гостин со ППД Загреб, на оној последен натпревар на Вардар во „Кале“, е нешто што се памети и до ден денес крева морници и буди силни емоции.
Вујо и во изминативе години кога седеше на други клупи, никогаш не го забораваше Вардар и Македонија. Ќе се појавеше како гостин на некој натпревар, ќе не поздравеше со некоја изјава како онаа на СП во Франција… А, старата гарда навивачи секогаш беше тука околу него. Впрочем, Вујо со Македонија е поврзан уште од многу поодамна дури и во деновите кога беше најдобар ракометар во светот и во исто време кичевски војник во ЈНА во осумдесет и некоја. Нормално, и тогаш бунтовник под казна, затоа што во Купот на шампионите одиграл без дозвола за Маталопластика…Некои добри стари времиња врамени во фотографија, малку подалечни за новите келнски генерации кои признаваат само шампионски титули и шпански тренери.
Вардар пак веќе вообичаено, постојано е пред нови предизвици. Лани да опстои по големата криза, догодина да се врати на старите позиции. За 30+10 % посилен според новите пресметки на претседателот, откако вардарци комплетираа уште една двојна круна со 14 шампионска титула во својата историја. Малку потценета и на доделувањето малку неиспочитувана од куќата на ракометот како што е редот. Не дека директорот на АМС или членот на УО на РФМ не се достојни да го поздрават старо-новиот шампион, далеку од тоа. Но, сепак доделување на шампионскиот пехар е чест и обврска за раководството на РФМ, па нека е и рутинска во малата сала во „Јане“.
3.Савески на клупата, некогаш тоа беше револуција…
Вртејќи по смените низ годините, пред новата промоција на Вујовиќ како тренер на Вардар и на Савески како координатор на женските репрезентации, се сетив на една интересна коинциденција.
По првото заминување на Вујо од Вардар во 2009 година, на клупата го замени токму Љубомир Савески, тогаш актуелен селектор на машката репрезентација на Македонија. На Савески тоа му беше последниот тренерски ангажман пред да се повлече целосно од ракометот, разочаран од сè што се случуваше во тој период.
Во октомври 2010, Љубомир Савески поднесе оставка на селекторската функција по бојкотот на репрезентативците од Металург, клубот кој тогаш настојуваше да ја преземе власта во машката репрезентација, интересно, со некои исти ликови кои денес се актуелни во малку подруга функција. Во ноември 2010 година, Савески ја напушти клупата на Вардар и реши дефинитивно да одмори од ракометот. И тоа не месец или два туку цела деценија.
Што ќе донесе неговото повторно активирање 11 години подоцна? Од една страна драгоцено искуство и енергија која со години е дефицитарна во женската репрезентација. Од друга страна, голема пауза и ризик од непознатото пред важен момент за македонскиот женски репрезентативен ракомет кој догодина се враќа на голема сцена како еден од трите домаќини на ЕП 2022.
Савески е еден од тројцата селектори што ја предводеле и машката и женска репрезентација на Македонија покрај Гино Стрезовски и Јошко Петковиќ. Низ својата тренерска кариера пребродил разни ситуации и зад себе има и позитивно и негативно искуство од селекторските епизоди.
Поврзано со женската репрезентација, го паметиме по оној забележителен настап на СП 2007 во Франција на кое Македонија беше 12-та. Савески на клупата седна непосредно пред шампионатот, но за кратко време наметна игра и атмосфера. Го паметиме и по тогаш револуционерната одлука да го тргне директорот на репрезентацијата од клупата и да го испрати на трибини. Нешто незамисливо за тоа време, а богами и за ова.
Што би било револуционерно од Савески во неговото враќање на чело на женската репрезентација во 2021? Па можеби ангажман на Валентина Радуловиќ како помошник на клупата, за прво време. Зошто да не!