Ракометарите на Вардар потешко од очекувањата се вратија на победнички патеки по поразот во Битола од Еурофарм Пелистер. Избраниците на Стевче Алушовски едвај го скршија отпорот на Бутел Скопје во вториот дел и славеа триумф со 26-22.
Дека нема да биде лесно за вардарци, стана јасно уште на стартот, кога Бутел поведе со 1-3. Вардар врати за 3-3 набрзина, но ниту едната ниту другата екипа не успеваше да се одлепи. До крајот на полувремето се играше гол за гол, па на пауза се замина со 11-11.
Во второто полувреме кај вардарци во игра влегоа Дибиров, Чупиќ, Дисингер, Стоилов…Домашните не можеа да го скршат отпорот на храбриот Бутел ниту на стартот на вториот дел иако поведоа со 14-12.
Избраниците на Кристијан Грчевски израмнија на 14-14, а потоа со головите на Божиновски и Митев, имаа плус еден, 15-16 и 16-17. Сепак „црвено-црните“ се вратија во игра и поведоа со 22-20, а беше и 23-21.
Гостите имаа шанса да намалат, но не погодија и Дибиров казни од контра за 24-21. До самиот крај Вардар успешно ја задржа предноста за конечни 26-22, но навивачите сигурно нема да бидат задоволни од ваквата игра на нивните избраници.