СЕДМЕРЕЦ: „Bonjour“ во Автокоманда

Отворена сезоната на пехари и трансфер бомби

1.Вардар си го врати пехарот

Три во едно! Така се погоди викендов Автокоманда да биде центар на најинтересните збиднувања во македонскиот ракомет. Во завршницата од Купот се делеа пехари и плус, паѓаа трасфер бомби.

Ако не можеш во Будимпешта или во Келн одиш во Автокоманда, се шегувавме со колегите следејќи ги домашните Ф4 завршници во Купот на Македонија.

По ланскиот прекин и едногодишната панедемиска пауза, во Македонија се врати битката за титулите и за прехарите. Првите пехари сезонава ги подигнаа ракометарите на Вардар 1961 и ракометарките на ЖРК Куманово.

Кумановки го победија и Металург и Вардар и ја одбранија титулата во Купот. Втора во историјата на клубот.

Вардарци пак, од Автокоманда си го зедоа загубениот пехар од 2019. И уште еднаш потврдија дека се уште се супериорни на домашна сцена. Металург пружи отпор во полуфиналето, Еурофарм Пелистер со надеж влезе во финалната пресметка. Но, Вардар беше победникот.  Имаа и подеми и на моменти падови во играта, сепак, „црвено-црните“ сигурно ги држеа конците во свои раце и на крај заслужено го кренаа пехарот, надминувајќи ја закочената 13-ка со нова рекордна 14-та титула во Купот.

Пелистер пак останува закочен на 5-ката уште од 2005 година.

Дали ќе беше поинаква разврската ако Мартин Велковски го погодеше празниот гол кога Еурофарм Пелистер во финишот ја топеше негативата? Дали ќе беше друга приказната за битолчани ако не беше повреден Стипе Мандалиниќ… или Бабиќ ја згреши тактиката? Или едноставно, Вардар е посилен и поподготвен? Се свртеа многу прашања и дилеми, но последното по се изгледа ќе испадне најреално.

Вардар два пати го победи Еурофарм Пелистер во двете последни официјални пресметки сезонава. Прво во плеј-офот, потоа и во Купот. За битолчани до четврток се уште постои теоретска шанса во плеј-офот, но како одминува времето, се помала е и наизвесноста пред втората финална пресметка за шампионската титула на битолски терен.

Не залажа Струга, велат во Битола…

2.Гестови и пораки

Првата титула во оваа сезона за Вардар имаше и посебна симболика. Во знак на почит и признание за се што направи во „црвено-црниот“дрес, Иван Чупиќ ја доби честа да го подигне првиот пехар за Вардар во неговата последна сезона во скопскиот тим.

Капитенот Стојанче Стоилов знае несебично да го отстапи своето место кога се „браќата“ во прашање. Така го испрати Игор Карачиќ во Келн, така го испраќа сега и Иван Чупиќ. Секоја чест!

Голманот на Вардар, Борко Ристовски пак направи голем гест со малиот голмански пехар. Признанието за најдобар голман во финалето од Купот, Ристовски му го отстапи на својот колега од другата страна. Градимир Чаневски со своите одбрани во второто полувреме го врати Еурофарм Пелистер во живот и го заслужи пехарот.

Конечно, освојувањето на Купот беше посебно и за Стевче Алушовски кој стана прв во историјата на Вардар што го подигнал пехарот во Купот и како капитен и како тренер на „црвено-црните“. Алушовски на заминување од Вардар, со овој пехар стави „штикла“ на уште една остварена цел.

„Пред почетокот на сезоната имавме четири цели. Го остваривме пласманот во финалето на СЕХА лигата, остваривме победа во Купот на Македонија и верувам дека ќе оствариме и шампионска титула…“, потенцираше Алушовски по победата во Купот.

Малку пошироко гледано, оваа изјава на Алушовски доаѓа нешто како продолжение на она што го изјави неодамна Михајло Михајловски за шансата и за резултатите:

„За оваа година му ветив на Алушовски шанса и му ја дадов, дали ја исполни комплетно или не, резултатите кажуваат…“

Во Вардар најдобро си знаат како ги „читаат“ резултатите. Вредниот пехар спакуван во порака, битно, повторно е во вардаровата колекција.

3.Во Нант се учи македонски

Завршницата од Купот викендов повторно ракометно ја живна Автокоманда. А, некако во исто време се погоди да „падне“ и новата трансфер бомба – Металург за следната сезона засилен со Французи! Оливие и Кевин Њокас доаѓаат во Автокоманда и во наредните две сезони ќе бидат „металурзи“.

Тимот од предградието како што своевремено милуваше да го нарекува Лино Червар, и покрај сите кризи, очигледно останува актуелен и привлечен на европскиот пазар. А, Македонија вака-така и натаму го држи имиџот на атрактивна ракометна дестинација.

Лани беше „бомба“ трансферот во Металург на легендарниот хрватски репрезентативец Златко Хорват, годинава Автокоманда „затресе“ со браќата Њокас. Во меѓувреме, Хорват го продолжи договорот и реши да остане во Скопје и во наредните две години што секако, е убава препорака за Металург на трансфер пазарот.

Десниот бек Кевин Њокас во Металург доаѓа од португалска Бенфика. Левиот бек Оливие Њокас, се сели од францускиот Нант. Од Нант во Скопје, од следната сезона се сели и Шпанецот Едуардо Гурбиндо кој потпиша тригодишен договор со Вардар.

Кире Лазаров во Нант сега може да држи и забрзан курс по македонски! Ќе им се најде…