Марјан Начевски исклучен од РФМ за вербален настап на трибини, бранејќи го угледот, РФМ се заглави во лавиринтот.
1.Се скарале Маки и Мирче…
Во ракометот „фластер“ се става на најопасниот противнички напаѓач за да се исфрли од игра. Но, „фластерот“ добива и се поширока примена во ракометната игра. Се користи и за затворање уста на критичарите, бунтовниците, оние кои малку погласно се дрзнале да ги изразат своите ставови и критики што не се многу по волја на раководните структури.
По втор пат во изминативе 7-8 години, Ракометната федерација на Македонија применува„фластер“ со не многу популарна мерка – дисциплинска санкција за вербален исказ.
На поранешниот генерален секретар, поранешен меѓународен судија, а потоа делегат/контролор, Марјан Начевски, изречена му е дисциплинска санкција: исклучување од Ракометната федерација на Македонија врз основ на доставена пријава од поранешната репрезентативка, сега тазе членка на УО на РФМ, Мирјета Бајрамовска. Како причини за поднесената пријава наведени се „вербални навреди упатени кон подносителот на пријавата, изнесени на агресивен начин и со висок тон, вклучително погрдни и недолични навреди кон федерацијата, националните селекции, играчи и други личности прозвани во отсуство…“. Недоличната реторика, според дисциплинците од РФМ е прекршок за исклучување на Марјан Начески од Ракометната федерација.
Еве што вели Дисциплинскиот правилник на РФМ за оваа дисциплинска мерка дефинирана во член 21: „Исклучување од Ракометната федерација може да се изрече само за најтешки престапи и ако настанале особено тешки последици па така останувањето на сторителот во Ракометната федерација штети на угледот на ракометната федерација и ракометниот спорт“.
До толку ли биле тешки последиците од високиот тон на трибини?
2.Дисциплинецот или Уставот?
Во официјалното известување од РФМ наведени се четири члена од Дисциплинскиот правилник по кои технички се водела постапката, но го нема членот по кој вербална расправија на трибини за која патем додека траела не реагирале ни официјални лица ни надлежни служби за обезбедување, е „најтежок престап“ со „особено тешки последици“.
Го барав, но ни во Дисциплинскиот, ни во Статутот на РФМ, не најдов член во кој вербален исказ во ракометот е дефиниран како престап, освен во пошироко толкување како „постапка што нанесува штета“.
Но, затоа пак го има член 16 во Уставот на Македонија според кој „се гарантира слобода на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слобода на говорот, јавниот настап, јавното информирање…“
И сега, што е повисоко одредбите во Уставот или одбрана на угледот според слободно толкување на Дисциплинскиот?
Се сеќавам дека со иста дилема и на исти маки бевме и во 2014 година кога ова раководство на РФМ ја изрече првата „вербалан санкција“. Во изјава дадена за време на ЕП во Данска, со која како што беше оценето тогаш, нанел штета на угледот на репрезентацијата и на РФМ, протолкувано по член 24 од „Правилникот за ракометни репрезентации на Македонија“, настрада Бранислав Ангеловски. „Долгиот јазик“ Бранче го плати со парична казна и никогаш повеќе не заигра за македонската репрезентација.
Помага ли „фластерот“ во одбраната на угледот?
Можеби, додека држи лепакот…
3.Секој со своја одговорност
Случајот од 2014 година генерално имаше негативен одек во јавноста, долго траеше горчината, но со тек на време остана складиран во историјата.
Но, вербалното дисциплинирање на поранешниот генерален секретар, според тоа што го најави Начевски по одлуката, најверојатно ќе има и дополнителна судска разрешница. А, за кавгите во македонската куќа на ракометот најверојатно ќе се чуе и до европската куќа на ракометот во Виена.
И тука веќе не е важно дали некој не го сака Маки или му пречи Филип, дали е за чиста или за натурализирана репрезентација, дали е тивок или е гласен. Се работи за конкретни постапки и за принципи.
Во интерес на вистината и на угледот што го има Ракометната федерација на Македонија со години со епитет најуспешна, редно е да се изнесат некои факти, за доброто на македонскиот ракомет, сега и во иднина.
-Ова раководство на РФМ донесе финансиска стабилност и го издигна македонскиот ракомет на едно многу повисоко квалитативно и квантитативно ниво и тоа никој не може и не смее да им го оспори, уште помалку заслужува да се „минира“ или да се занемари во перспектива. Но, ракомет во Македонија се играше и пред 2013, па дури и најголемите репрезентативни успеси (ЕП 2012 и ЕП 2008) датираат од ерата пред оваа, ако е за волја на вистината.
-Затоа што не чинело, старото раководство било сменето и беспредметни се новите обиди за враќање назад.
-Штета за Мирјета Бајрамовска како долгогодишна македонска репрезентативка, во новата управувачка улога во РФМ да остане запаметена по дисциплинската пријава за расчистување на стари спорови. Како членка на УО на РФМ има многу поефектни средства да се бори против пасошите и натурализација од расправии по трибини.
-Ако Марјан Начевски на репрезентативниот натпревар во март присуствувал без соодветна акредитација како што стои во известувањето од РФМ, некој од надлежните направил пропуст во пропишаниот протокол во услови на пандемија и треба да одговара. Уште повеќе што овој пропуст се повторил два пати во мартовските репрезентативни настапи, прво со партиските функционери на дуелот на машката репрезентација на Македонија против Данска, потоа и со Начевски на квалификациските натпревари во „Борис“ во женска конкуренција. Дали РФМ го одбрани угледот и побара одговорност за овие пропусти?
-Генералниот секретар на РФМ според член 65 од Статутот, треба да учествува и во работата на комисиите и на другите тела и органи во давање на совети и толкувања, или доколку не е во можност, да одреди замена. Според релевантните информации првиот оперативец не бил присутен на состанокот на Дисциплинската комисија на која е санкциониран неговиот претходник. Зошто?
– Кога сме веќе кај угледот и честа на РФМ и на македонскиот ракомет, ќе сноси ли конечно некој одговорност за „црно-црвените“ репрезентативни дресови со кои се појави машката репрезентација на СП 2021 и со кои е прекршен член 47 од Статутот на РФМ и член 5 од Правилникот за државни ракометни репрезентации на Македонија?
Или ќе го браниме угледот на РФМ и на македонскиот ракомет само со селективни санкци, со замолчување и со„фластери“?