Кушан: Можеби ги загубивме шансите за титула во Суперлигата, но ќе му „вратиме“ на Вардар во Купот

Пикерот на Еурофарм Пелистер, Томислав Кушан, го облече за првпат дресот на хрватската репрезентација на дуелите од ЕХФ Евро Купот.

Селекторот Хрвоје Хорват му даде шанса, а Кушан се покажа во одлично издание против Словачка и Унгарија.

„Задоволен сум што добив прилика. Јас би рекол дека беше солидно, дека е многу тешко да се играат три натпревари само по два или три тренинзи и да се очекува максимум. Но, мислам дека со овој нов состав покажавме многу добри работи“, изјави Кушан за „Спортске Новости“.

Битолчани се елиминирани од Лигата на Европа, но шансите остануваат во СЕХА лигата и Купот, а ќе биде тешко да се совлада Вардар со повеќе од осум гола разлика за да се стигне до титулата во Суперлигата.

„Можам да кажам дека ги загубивме шансите за титула со поразот од осум разлика во Скопје, но сепак го имаме Купот и секако амбицијата постои да им вратиме. Тука е и СЕХА во која сè уште треба да играме со Загреб. Добрата работа никогаш не е доста. Задоволен сум во Битола, го добив тоа што го сакав, иако морам да кажам дека не очекував дека по Шпанија сè ќе се одвива токму така. Но, целата кариера е таква. Навикнат сум“, изјави Кушан.