Репрезентацијата на Црна Гора ја совлада Белорусија со резулат 29:23 во Подгорица на првиот бараж натпревар за Светското првенство во Шпанија во декември.
Првото полувреме помина во голема борба на двете страни. Избраничките на Бојана Поповиќ имаа одличен почеток и водство од 3:1. Сепак, ракометарките на Белорусија предводени од Акраменка и Кулак се вратија во игра и цели осум минути во првиот дел одржуваа водство од еден гол разлика. Во последните десетина минути, Црна Гора играше добра одбрана и успеа да замине на полувреме со предност од 14:13.
Во второто полувреме веќе беше скршен отпорот на гостинките од Белорусија. По десет минути игра, Црногорките имаа водство од пет разлика, 22:17. До крајот, домаќинките го зголемуваа стекнатото водство и на реванш натпреварот кој е закажан за 20 април во Минск, Црногорките треба да го потврдат пласманот на Мундијалот во Шпанија.
Најефикасна во репрезентацијата на Црна Гора беше Ѓурѓина Јауковиќ со девет гола, по пет постигнаа Јованка Радичевиќ и Мајда Мехмедовиќ. Во составот на Белорусија, Анастасија Кулак беше најефикасна со осум гола.
Неизвесен натпревар до самиот крај одиграа репрезентациите на Австрија и Полска. Натпреварот заврши без победник, 29:29. И двете репрезентации имаа свои моменти на натпреварот. Првото полувреме заврши нерешено, 13:13.
Полска имаше солидна предност во второто полувреме, но дозволи репрезентацијата на Австрија да направи целосен пресврт, прво да го израмни резултатот на 20:20, а потоа и да има предност од 21:20. Последните десетина минути беа неизвесни, минути во кои имаше и израмнување и превземање на водството, но од целата бркотница на теренот нерешениот резултат беше најреална опција.
Најефикасна во репрезентацијата на Австрија со осум гола беше Нина Нидхарт, а во селекцијата на Полска се истакна Наталија Носек со шест гола.