Швајцарскиот шампион, Кадетен Шафхаузен го заврши своето планирање на својот состав за следната сезона. Веќе е познато кој ќе се придружи во тимот, а кој ќе го напушти.
Најзвучното засилување во Кадетен Шафхаузен е репрезентативецот на Шпанија, Жоан Кањелас. Искусниот ракометар на ПИК Сегед кон крајот на март се реши да го прифати договорот со тимот од Шафхаузен и да биде дел од една нова ракометна приказна.
Доаѓањето на Кањелас во Кадетен беше причина и за заминување на српскиот интернационалец, Жарко Шешум. Србинот ќе го напушти Кадетен на крајот на сезоната бидејќи во конкуренција со Кањелас и Марос немаше да добива солидна минутажа на левата позиција. Марвин Лиер, Ебрахим Јери, Торбен Мацкен и Михаел Кусио се новите ракометари во екипата за следната сезона покрај споменатиот Кањелас.
Од клубот заминува и ракометарот од Шпанија, Анхел Монторо. Шпанецот од 2019 година е член на швајцарскиот шампион, но со раководството на клубот се договорија за спогодбено разделување.
Договорите не ги продолжија и Габор Часар, Себастијан Фримел, а клубот ќе го напуштат и Ерик Шмит кој беше замена за повредениот ракометар Зоран Марковиќ, додека младиот, Мехди Бен Ромдан ќе замине во екипата на Цирих за поголема минутажа.