Извршниот Комитет на ЕХФ денеска одржа состанок на кој беа потврдени неколку одлуки донесени претходно. Една од нив е имплементацијата на ЕП за играчи до 19 години, што ќе се игра во Хрватска, на местото на одложените светски шампионати за кадети и младинци, па европските селекции нема да имаат празно лето.
Турнирот ЕХФ трофеј ќе се игра во грузискиот главен град Тбилиси од 15 до 21 јуни оваа година, а таму ќе играат најниско рангираните европски селекции – Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Кипар, Велика Британија, Грузија, Ирска, Молдавија и Малта. Овој турнир ќе биде претквалификациски за ЕП 2024 година што ќе се игра во Германија, а најдобрите три селекции ќе обезбедат место во квалификациите за континенталниот собир.
Потврдено е одржувањето и на двата ЕХФ шампионати во Македонија, машкиот кадетски од 15 до 22 август, а женскиот младински од 10 до 18 јули, додека откажани се Европските Универзитетски Игри.
Одлучено е дека и во второто по квалитет европско клупско натпреварување, Лигата на Европа, ќе има доделување на една вајлд карта за групната фаза во сезоната 2021/22 година. Овој тим ќе биде од држава, односно федерација што од претходно нема да има гарантирано место во групната фаза.
За Европското првенство во машка конкуренција во 2022 година во Унгарија и Словачка, на денот на играње на натпреварот во ростерот ќе може да бидат ставени 20 играчи, а еден час пред стартот ќе бидат прецртани четири ракометари, па 16 ќе бидат на клупа. Ова одлука е донесена за да се намалат измените во селекциите во текот на шампионатот. Ќе биде задолжително репрезентациите да пристигнат на ЕП најмалку два дена пред првиот меч.
Беше потврдено дека квалификациите за ЕП 2022 мора да завршат до 2 мај годинава, а оние што нема да бидат одиграни ќе бидат регистрирани со службен резултат. Ждрепката за групите на ЕП на кое Македонија веќе се пласираше ќе се одржи на 6 мај во Будимпешта. Извршниот Комитет на ЕХФ ги одреди и распоредите на натпреварите на ЕП кај дамите во 2022 година, како и за ЕП кај мажите во 2024 година.
Во 2019 година ИХФ воведе ранкинг систем на државите, односно федерациите за трансфер котизација за меѓународните трансфери, а сега ЕХФ ќе го усогласи истиот со светската куќа на ракометот. Ранкингот ќе се формира во парни години од поени собрани од настапи на две последни ЕП, едно СП и три завршени клупски сезони. Нациите, односно федерациите кај мажите ќе бидат поделени во три групи: 1-8 место (топ нации), 9-24 место (развиени нации) и 25-50 место (нации во развој). Во женска конкуренција развиени нации ќе бидат од 9 до 16 место до 2024 година, а потоа ќе биде исто како и кај мажите.
Следен собир на челниците на ЕХФ ќе биде во април, од 22 до 24 април, кога ќе бидат и изборите во ЕХФ, а има повеќе од 130 номинации за 53 позиции во телата на ЕХФ.